X
 28.02.2022 Колумни

Уште една сага за родителството - децата во огледалото на своите родители

Секој учител го знае тоа и особено му е важно како параметар за процена на однесувањето на детето во училиштето: Детето е она што го гледа дома, она што го учи и усвојува како манир, како навика, како вредност од својата непосредна и најважна околина, домот во кој расне и зрее. Секако останува фактот дека однесувањето на детето е детерминирано и од другите формати на надворешната околина, кои во современите трендови на живеење не се едноставни за функционирање. Но, во основа, оној базичен фундамент кој го креира однесувањето на детето е родителот, како модел на однесување, исцртувач на детскиот хоризонт и вајар на формите кои детето низ манифестирањето на своето однесување, ќе ги прифаќа или не.

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Неколкуте аспекти на родителско однесување, многу актуелни деновите, се директен повод за ова што го пишувам и, за жал, морам пак да констатирам дека неколкуте родителски саги многу можат да појаснат зошто децата денес се она што се – со чест на исклучоците, инертна маса која нема потреба да се избори да биде подобра, млад свет без емпатија, без одговорност кон обврските и без она што за секој човек во неговиот живот е важен аспект: пристојност и култура. Сите ние како учители го гледаме тоа секојдневно како неизбежен формат на однесување кај децата и во немоќ да влијаеме врз нив на начин на кој тоа го правевме низ годините наназад, полека стануваме заробени во стапиците на заморот и професионалната непотребност.

Зошто тргнувам од ставот дека ако го гледаш родителот, јасно ти е детето? Затоа што од низата изблици на новото родителство, во рамките на кое најмалку се има време за децата, а најголема родителска гласност се манифестира токму заради децата, можат да се издвојат неколку ситуации:

Пред сѐ, би го издвоила втрчувањето на лут и нервозен родител на спортски терен додека трае кошаркарски натпревар помеѓу тимови на малолетни деца. Се поставува прашањето каков пример родителот му дава на своето дете, ако ваквото однесување му го толкува како исправно – што бара со неговото истрчување на терен и нападот врз малолетно дете од другиот тим, кој во моментот води? Како ќе му го објасни предизвикувањето на инцидентот во кој подоцна се вклучува и полиција, затоа што пред своето дете напаѓа туѓо? Која порака му ја испраќа на своето дете, кое треба да негува спортски дух и низ него да учи дека во животот е чесно и да си поразен и дека сѐ додека таа чесност е неговиот лајтмотив, ќе биде добар човек? Како не се здогледува дека така го промовира насилството како начин на решавање на несогласувањето и дека тој модел детето може многу лесно да го усвои и да го доживее како исправен? Впрочем, затоа гледаме секојдневно врсничко насилство, кое за жал, навистина е во подем, гледаме сајбер-насилство како модерна форма на малтретирање на некој кој треба да биде третиран како другар, гледаме тивок очај на оние сѐ поретките, кои во таквата атмосфера не успеваат да се наметнат со својот труд и одговорност. Не може никој да ме разубеди дека ова што им се случува на децата не е директна последица од сериозните воспитни утки, кои им се сервираат како секојдневни родителски оброци, кои ги хранат така да остануваат гладни за вистинските вредности. Оние што им се потребни цел живот.

Уште еден аспект на родителско однесување ми е особено индикативен деновиве: отпорот кон присуството на припадниците на контроверзната верска група Лев Тахор во нашата земја. Она што е факт е реално големата непозната во поглед на тоа кои се навистина луѓето и зошто зад нив се влечат многу контроверзии, но сепак, она што испливува на површина е бурната реакција на родителите, вооружени со невидена ксенофобија, расизам, омраза и јавни повици за линч на луѓето кои во моментов се тука. Немам намера овде да навлегувам во елаборација и толкување на начинот на живот на еврејската верска група затоа што тоа се лични определби кои дефинираат еден специфичен начин на живот во затворена заедница, кој ретко кој може да го разбере и да го прифати. Да го оправда, уште помалку. Како родителот му објаснува на детето зошто нема да го пушти на училиште сѐ додека тие луѓе се во близина? Што конкретно му сториле луѓето кои живеат како номади и кај и да е, ќе си одат? Од каде произлегува толкавата омраза кон некој за кој во основа ништо не знаеме, освен она што сме го прочитале во моментов или сме го слушнале од извори кои се дискутабилни? По правило, колку помалку знаеме, толку поголем отпор манифестираме – не е ли тоа начин на однесување со кој на детето му праќаме порака дека незнаењето не е опасно? Впрочем, која порака му се праќа на детето со ваквото неприфаќање ако на секој здраворазумски обид да се појасни дека можеби нештата и не се такви, се добива одговор: „Носи си ги дома ако ти се арни?“ Како не се здогледува дека сервирањето на различностите како опасност, преку отпорот на родителите на детето му овозможуваат неприфаќање на желбата да се разбере другиот таков како што е, за да може правилно да се процени? Затоа впрочем ја имаме и приказната на една Ембла, како отфрлено дете, а дете кое толку многу заслужува заедништво? Како ќе научи дека децата кои имаат тешкотии се негови другари на кои им е потребна помош, а не отфрлање?

Како не се здогледува дека ако родителот е способен да ги надмине стереотипите и предрасудите дека местата на кои децата учат, а луѓето се движат и не треба да се осудуваат ако нема причина за тоа, подразбираат задојување со емпатија и прифаќање дека не се сите исти и дека токму таа различност е нешто што треба да ги врзува?

Конечно, би го издвоила и настанот со реакцијата на професорката од тетовската гимназија, по основа на нејзиниот став дека девојчињата на училиште не треба да доаѓаат во облека која повеќе покажува отколку што покрива. Интересен е, пред сѐ, ставот на невладиното здружение за еднакви можности „Бубамара“ кое експресно излезе со осуда на изјавата на професорката, нарекувајќи ја сексистичка и во функција на кршење на правата на девојчињата. Осудата отиде дотаму да се побара и повлекување на професорката од работното место, како и можноста да реагира Државниот просветен инспекторат, а она што ми испливува на површина во случајов се две работи, врзани за родителите: Првин, дали родителите не се во состојба да си ги воспитуваат децата во правец на почитување на институцијата во која треба да учат, а не да се промовираат себеси? Дали родителите не го гледаат своето дете кога тргнува на училиште? Дали ако веќе не го гледаат, можат да бидат мирни затоа што знаат како нивното дете се манифестира себеси во учебно-воспитната атмосфера? Разговараат ли со детето за дрес-кодот кој за училиштето е подразбирлив? Како се случи самите родители да не се согласуваат со носењето на униформите, кои освен што се обележје на училиштето во кое нивното дете расне во секој поглед, влијае и врз надминување на разликите меѓу децата кои доаѓаат од различни социјални средини? Потоа, зошто изостана реакцијата на родителите од конкретната гимназија, кои барем преку училишните одбори (кои, патем, никако не требаше да прераснат во интерно и нефункционално тело – но за тоа во друга пригода) можеа да излезат со став кој ќе значи застанување во одбрана на професорката која сосема исправно реагира, токму затоа што се грижи за децата и она што го покажуваат?

Родителскава сага може да доживее уште многу продолжувања, за жал. Пишувам како учител кој три децении е со и за децата. Ги следам, ги живеам нивните животи додека сме заедно. Знам сѐ за секое дете пред кое стојам. Тоа ми дава за право да реагирам кога нивното однесување е видлива последица од родителските пропусти, кои го дефинираат хоризонтот на детето и го спречуваат неговиот исправен поглед на свет. Она што не смее да се одмолчува е фактот дека освен сериозните општествени деформации, кои сите ги живееме и на сите нам ни оставаат трага како нешто што тешко се санира, здравото родителство е сепак основниот предуслов за креирање дете кое ќе чекори низ животот без неоснована осуда, со емоција за немоќниот, со разбирање на различноста и со нејзино прифаќање. Конечно, детето е огледалото на родителот. Тоа е што го гледа.

Издвојуваме

Колумни