X
 02.11.2018 Култура

„Збогатете се преку ноќ“ со богатата програма на фестивалот „Синедејс“

17. издание ќе биде отворено на 8 ноември со музичкиот документарец Matangi/Maja/M.I.A во режија на Стив Лавериџ, а со долгоочекуваната премиера на македонскиот филм „Еј“ на Васил Христов ќе биде затворено, на 18 ноември

Под мотото „Збогати се преку ноќ“, од 8 до 18 ноември во кината „Фросина“ и „Милениум“ во Скопје ќе се одржи 17. Фестивал на европски филм „Синедејс“ во Скопје. Идејата е помладата публика да размислува за други вредности, а не само за материјалните, објаснија организаторите.
- Во последнава година само во Скопје се отворени 30-ина обложувачници. Ние сакаме на ова да одговориме токму со нашиот фестивал и младите да знаат кои се вистинските вредности - посочи Русе Арсов, директор на МКЦ и организатор на фестивалот.

Сцена од „Двојни животи“

Годинешниот фестивал има богата програма во неколку познати целини: Официјална селекција, CineBalkan, Гала-програма, Музички документарци, МК во ЕУ-програма, Ретроспектива на Милош Форман, ЕYE ON FILMS, МК-Кратки филмови, Студентска програма, Детска програма, special screenings и богата придружна програма од работилници и богата музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот, CineMusic.

Од вкупно 21 филм во Гала-програмата, љубителите на европскиот филм ќе можат да ги погледнат последните филмови на Ван Сант, Фон Трир, Гилијам, Фархади, Гринавеј, Сорентино и др. Фестивалот ќе биде затворен со филмот „Хеј“ на нашиот режисер Васил Христов, филм кој се снимаше пред десет години, речиси со никаков буџет.

Осум филма на млади европски режисери ќе се натпреваруваат за наградите: „Златна ѕвезда“ за најдобар филм и 5.000 евра, „Сребрена ѕвезда“ за најдобра режија и „Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио. Ќе биде доделена нова награда Youth Award, во соработка со „Џифони“.


Mузичката програма, пак, се состои од девет концерти. Во соработка со чешката амбасада во земјава, во чест на неодамна починатиот чешки режисер Милош Форман ќе бидат прикажани четири остварувања од раните денови на творење на овој голем филмски маг.
Селекцијата на македонски кратки филмови е составена од девет филма: „Магнолија“ на Ана Опачиќ, „Готлиб“ на Крсте Господиновски, „Кога нѐ нема“ на Стефан Палитов, „Сонот на крвта и душата“ на Игор Алексов, „Железната приказна“ на Златко Калеников, „Малина“ на Анастасија Лазарова, „Види ја ти неа“ на Горан Столевски, кој освои награда на Санденс филм фестивал, „Обид за среќна приказна“ на Лавинија Софрониевска и „Црни и криви“ на Марко Џамбазовски.

Третото издание на Програмата на студентски филмови ќе донесе и голем број млади филмаџии од десет регионални универзитети, како и светски познатата филмска академија ФАМУ од Прага. За младите луѓе што сакаат да се пробијат во индустријата, фестивалот нуди бесплатна пропусница за сите фестивалски настани, вклучувајќи проекции, работилници, предавања, панели. Најдобриот студентски филм ќе биде награден со парична награда од 500 евра од тричленото жири: Кристина Леловац, асистент на Факултетот за драмски уметности во Скопје и актерка, Јане Спасиќ, режисер, и Владимир Димоски, филмски снимател. Селектор на студентската програма е Марина Лазаревска.

Сцена од филмот „Еј“ на Васил Христов

Во рамките на фестивалот ќе има и специјални проекции на два филма кои се со слична тематска содржина, а целокупната програма е замислена како Festival – to – date проекција, овие филмови ќе имаат истовремена симултана проекција и на филмскиот фестивал во Тирана. Филмовите „Хотел Гагарин“ на Симон Спада и „Хотел Југославија“ на Никола Вањиер.

Куриозитет на ова издание на Меѓународниот фестивал на европски филм е првиот CINEIndustry филмски маркет. Целта на настанот е да ја инспирира публиката да побара нови можности за дистрибуција и да ги преиспита начините на кои се дистрибуираат филмовите за да се напредува. Настанот ќе создаде иницијални дијалози и врски помеѓу филмаџиите и дистрибутерите, продажните агенти, VoD платформите и разните играчи и поддржувачи од други средини.

Сцена од краткиот филм „Железната приказна“ во режија на Златко Калеников

Дводневниот настан е поделен на панел-дискусија и пичинг-сесии, кои нудат можност за размена на знаењата и интердисциплинарно воспоставување деловни контакти. Водена од страна на инспиративни говорници, панел-дискусијата ќе им се обрати на филмаџиите, кои ги интересира како технологијата ја обликува иднината на филмската дистрибуција и комерцијална исплатливост на еден филм.
На пичинг-сесијата ќе се претстави избор од приближно 5 проекта, кои во моментов се во последната фаза на постпродукција или финализирани во тековната година, но немаат дистрибутери или продажни агенти што би ја помогнале нивната меѓународна видливост и би воспоставиле врски за дистрибуција на нивните проекти. Целта е да се откријат добри проекти од регионот и да се поттикне соработка во областа на дистрибуцијата. Жирито составено од филмски професионалци ќе го награди најдобриот проект, кој ќе биде фаворизиран за онлајн-дистрибуција.


Билетите за Гала-програмата се со популарна цена од 150 денари, сите други проекции се со цена од 100 денари, додека проекциите во рамките на Студентската програма, Програмата МК кратки филмови, Детската програма и работилниците се со бесплатен влез.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура