X
 05.05.2024 Култура

12 вистини за најмистериозната жена на светот

Италијанскиот сликар, архитект, пронаоѓач, музичар, скулптор, мислител, математичар, инженер Леонардо да Винчи е автор на една од најпознатите слики на светот - „Мона Лиза“, создадена пред 564 години, но и денес е исто толку интригантна и мистериозна како и во минатото.

1. Мона Лиза не е името на жената на сликата


На сликата е нацртана Лиза Герардини, чиј богат сопруг Франческо дел Џокондо го нарачал нејзиниот портрет, а помалку познатото име на сликата е Ла Џоконда. Името Мона Лиза се преведува како „Мојата дама Лиза“.

2. Наполеон бил заљубен во Мона Лиза, а потоа и во нејзиниот потомок

Сликата на Мона Лиза еднаш висела во спалната соба на францускиот император, а легендата вели дека Наполеон со часови гледал во сликата восхитувајќи се на убавината на Мона Лиза. Се тврди дека поради неговата фасцинација со сликарството, Наполеон дури се заљубил во убавата Италијанка Тереза ​​Гвадањи, која била потомок на Лиза Герардини.

3. Сликата на Мона Лиза е изненадувачки мала

Влијанието на Мона Лиза врз културата е огромно, но сликата е многу помала отколку што многумина замислуваат. Димензиите се 76,8 на 53 сантиметри, а тежи осум килограми.

4. Нејзините веѓи се предмет на дискусии

Постоеле тврдења дека Мона Лиза нема веѓи затоа што членовите на високата класа во тоа време ги криеле или ги отстранувале веѓите. Други тврделе дека отсуството на веѓи е доказ дека тоа е недовршено ремек-дело. Сепак, деталното дигитално скенирање на сликата во 2007 година откри дека Да Винчи ги насликал веѓите и трепките на Мона Лиза, но тие избледнале со текот на времето и биле „жртва“ на реставрации низ вековите.

5. Мона Лиза скршила многу срца

Кога портретот првпат бил изложен во јавноста во „Лувр“ во 1815 година, тој хипнотизирал многу мажи кои ѝ носеле цвеќе на сликата и пишувале песни и страсни писма. Мона Лиза има дури и своја електронска пошта, каде што се чуваат многубројните љубовни писма кои до ден-денес ги добива.

6. Мажите умирале поради љубовта кон Мона Лиза

Уметникот Лук Масперо се фрлил од четвртиот кат на париски хотел во 1852 година, а во својата проштална белешка напишал: „Со години очајно ја чекам нејзината насмевка. Претпочитам да умрам“. Во 1910 година еден обожавател застанал пред сликата и се застрелал.

mona lisa
Фото: Wikipedia

7. Мона Лиза е буквално бесценета


Во 1960 година сликата била однесена на турнеја за која вредноста на нејзиното осигурување била проценета на 100 милиони долари. Но, полисата за осигурување никогаш не била извадена бидејќи премиите за осигурување биле повеќе од цената на најдобрата безбедносна служба.

8. Сликата е сместена во најубавиот „затвор“ на светот


Мона Лиза има своја соба во „Лувр“ каде што температурата постојано се контролира за да се одржува во идеални услови во секое време. Сликата е зад стакло отпорно на куршуми за да се спречат оштетувања и обиди за кражба. Мона Лиза е главната причина за многу луѓе да го посетат музејот „Лувр“ во Париз.

9. Мона Лиза била нападната

Ако повнимателно го погледнете левиот лакт на Мона Лиза, ќе ја забележите штетата што Боливиецот Уго Унгаза ја направил во 1956 година кога фрлил камен на сликата. Неколку месеци пред тоа друг напаѓач истурил киселина врз сликата и го погодил долниот дел од сликата. Поради тие напади, Мона Лиза била поставена зад стакло отпорно на куршуми, што се покажа ефективно кога во 2009 година лут руски турист на кој му било одбиено француското државјанство фрлил чаша кон сликата.

10. Сликата била украдена

Мона Лиза била украдена од „Лувр“ во 1911 година. Цела Франција тагувала, а глетката на луѓе вознемирени од болка била ретроактивно споредена од „Њујорк тајмс“ со тагата по смртта на принцезата Дијана во 1997 година. Илјадници луѓе оставале цвеќиња, пораки и други подароци за разделба под ѕидот каде што стоела сликата.

11. Враќањето на Мона Лиза во „Лувр“ инспирирало моден тренд


Жените почнале да нанесуваат жолта пудра на лицето и на вратот имитирајќи го златното лице на Мона Лиза и минимално ги движеле мускулите на лицето за да ја имитираат нејзината насмевка. Во париските кабареа танчари облечени како неа играле кан-кан. Мона Лиза го напуштила „Лувр“ како уметничко дело и се вратила како јавно добро и прва масовна уметничка икона.

12. Не се менува насмевката на Мона Лиза, туку човечкиот ум

Прашањето дали Мона Лиза е насмеана или не долго време ги мачи уметниците и историчарите. Во 2000 година неврологот д-р Маргарет Ливингстон објасни зошто изгледа дека насмевката на Мона Лиза се менува. Одговорот лежи во аголот од кој гледате на сликата и како вашиот мозок го перципира она што го гледа.

Извор: Zadovolnja.dnevnik.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура