X
 03.06.2022 Живот

Инженер дал отказ од „Нетфликс“ и покрај платата од 450.000 долари годишно: „Не уживав во работата“

Мајкл Лин работел четири години како софтверски инженер во „Нетфликс“ и неговиот живот првично изгледал како сон. Заработувал 450.000 долари годишно, имал бесплатна храна, но подоцна сѐ се променило и дал отказ. Сите биле зачудени од неговата одлука.

- Работењето во „Нетфликс“ беше како да сте платен за да работите на студиите на случај што ги студирате на МБА-програмите. Компанијата на сите вработени им дозволува да стекнат знаење, а јас учев и се надградував секој ден - вели Мајкл.

Тој додава дека по две години проектите и состаноците „се споиле во едно“ и дека инженерската работа почнала да изгледа исто.

- Потоа дојде пандемијата на коронавирусот. Канцеларијата се затвори и сите мои омилени делови од работата - дружење, соработници, придобивки - исчезнаа. Остана само работата, во која повеќе не уживав - вели тој.

Мајкл сакал да има поголемо влијание на работа и поминал две години аплицирајќи за секоја улога на менаџер на производи што можел да ја најде. Но вели дека сѐ било залудно, ја изгубил мотивацијата и престанал да ужива во големата плата.

- На почетокот заработував пари и постојано учев нови работи. А потоа само заработував пари, без никаков напредок - вели Мајкл. Тој забележува дека неговите цели се разликувале од оние на неговиот тим бидејќи неговиот интерес бил фокусиран на претприемништвото.

- Почнав да се чувствувам како да ја правам истата грешка во кариерата. Останав на работно место кое не ми одговараше, и тоа останав подолго отколку што требаше. Мојата единствена мотивација на крајот стана обидот да не добијам отказ - раскажува тој.

- Ги одложував моите соништа, а пандемијата ме потсети дека можеби утре нема да бидам тука да ги следам. Се плашев дека на мојот надгробен споменик ќе пишува: „Тука лежи Мајкл. Тој го помина својот живот работејќи работа што никогаш не ја сакал“.

Отказот - најдобрата одлука во неговиот живот


Мајкл две недели размислувал за отказ, а потоа одлучил да разговара со својот менаџер.

- Мислев дека мојот живот ќе заврши откако ќе го напуштам „Нетфликс“ - вели Мајкл.

Поминаа осум месеци од отказот и сега Мајкл смета дека тоа е најдобрата одлука што ја донел.

- Одлучив целосно да се посветам на работата за себе. Иако само што почнувам, верувам дека ќе се случат добри работи ако работам работа што ми дава енергија. Чувствувам мир во себе и непоколеблива верба дека сѐ ќе биде добро - заклучил Мајкл.

Извор: Index.hr
Фото: Linkedin
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот