X
 03.08.2022 Економија

Германска компанија нуди бонуси за вработените доколку штедат енергија

Германската фирма за управување со железнички сообраќај „Дојче бан“ сака да ги мотивира своите вработени да штедат енергија на работното место така што ќе доделува бонуси. Компанијата најавила бонуси во износ од најмалку 100 евра за вработените доколку се штеди енергија.

- Сакаме сите 200.000 вработени во Германија да се активираат и да се потрудат повеќе за на крај да имаме значајни заштеди - изјавил главниот менаџер за човечки ресурси на компанијата, Мартин Сајлер.

Според него, вработените може да штедат на секакви работи, како осветлувањето, греењето, користењето климатизери, гориво итн. Доколку фирмата успее да заштеди колку што планира, бонусот може да се зголеми на 150 евра за сите вработени.

Сајлер не открил колку компанијата планира да заштеди. Компанијата ќе штеди енергија и на други начини, како замена на системот за греење со фосилни горива со алтернативни системи и исклучување на надворешното осветлување.

Железницата е најголем потрошувач на електрична енергија во Германија, иако околу 62 отсто од енергијата е од обновливи извори.

Извор: Fenix-magazin
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија