X
 03.12.2023 Колумни

Без мотив и волја, нема образовен успех

Ако едно цвеќе не го вадиме со вода и соодветно не го храниме и гледаме, тоа ќе овене. Нешто слично важи и за нашите ученици, ако не ги поттикнуваме ние, наставниците, а најмногу родителите, да сакаат да читаат, да учат, да одат со мерак на училиште, да бидат културни, паметни, цивилизирани, во тој случај ќе ја изгубат волјата за школо, а ќе останат без мотив за постигнување успеси. Таа алка во воспитно-образовниот процес не смее да се наруши. Мораме да бидеме многу упорни, трпеливи и ненаметливи, со убав и смирен збор, да стигнеме до саканата цел.

Како ученикот да биде подобро мотивиран за на школо?

Во повеќе мои текстови сум пишувал, а ќе повторам: ученикот треба да биде растоварен од наставни часови, односно максималниот фонд на часови да биде: 20-22 часа неделно, а остатокот, слободни ученички активности, каде што ќе доаѓа до израз дарбата на ученикот, односно талентот што го поседува, тука се нормално: дополнителната, додатната настава, воннаставните активности итн. Треба да се намали неделниот фонд на наставни часови, односно да се надополнуваат со другите наставни и воннаставни активности. Понатаму, школскиот одмор да биде барем 1 час, кога ученикот ќе може да се најаде без брзање, или како по обичај, со половина кифла в чанта бидејќи нема време да ја дојаде, или се зафатил со муабет со соучениците и заборавил да дојаде, значи убаво да се најаде за да продолжи нормално да функционира. Да немаме ослободување од час заради болка во стомак, главоболка, лошење и сл. Тоа е последица на недоволно нахранет организам или страв од некое испрашување, или тест.

Следен е материјалот што се предава на наставните часови, кој не треба да биде обемен и апстрактен бидејќи тоа кај учениците предизвикува одбивност и неможност да се сконцентрираат на часот. Па дофрлаат, муабетат со соученикот и сл., односно ја изразуваат досадата на самиот час. Потребно е да пренесуваме знаења пократко и појасно, а да оставиме повеќе да истражуваат учениците, односно да мислат со своја глава. Така би било најпаметно и покорисно. Барем во денешни услови, во најголем дел од училиштата имаме софистицирана опрема која многу помага во самата настава. Според условите и можностите, се користи кога е потребна. Единствено нема да се согласам со тоа дека не треба ништо да се запишува во тетратка. Тоа не го одобрувам затоа што децата заборавија да пишуваат благодарение на екранизацијата што секојдневно им е в раце, како надвор така и дома. Тука нема: „ме боли раката“ или „многу пишуваме“. Секој наставник, според предметот што го предава, знае колку треба да се запише во тетратка затоа што кажуваме и информации што се во рамките на наставните единици, а во учебникот ги нема. Тоа е добро да се запише. Учениците да се стават во улога на наставници (предавачи) со своите соученици е, исто така, една убава можност за подобро да бидеме мотивирани во наставата, по претходна консултација со предметниот наставник, што ученикот би можел да работи со соучениците. Да ја практикуваме оваа навика бидејќи би била интересна, а може да биде придружена со изработка на некаков проект, каде што имагинацијата на учениците најмногу ќе дојде до израз, па може да биде во вид на игровна, а сепак поучна активност што би се реализирала на наставниот час, кога временските услови би биле добри, бидејќи часови се реализираат и во природа итн. Значи, постојат начини како учениците да бидат мотивирани да одат на школо и со мерак да сакаат да седат. Ова се само дел од начините како да се биде помотивиран и успешен на училиште. Секако, постојат многу други идеи што би требало да се имаат предвид. Првиот чекор се прави на овој начин, значи поттикот, односно мотивот за учење да тргнува од самиот ученик, поддржуван од родителот и, нормално, во консултација со наставникот.

Од мотивот за на школо се раѓа и волјата за успех

Кога сме целосно мотивирани, па и упорни за нешто, тогаш тежнеењата за постигнување успеси ќе бидат очигледни. Значи, учениците мора да бидат најпрвин мотивирани, па дури потоа креативни, како што тие најдобро умеат и, секако, успешни. Така се раѓа и трае волја за нешто... Волјата ја има во секое дете, во секој човек, треба само да се разбуди. Родителот, класниот раководител, наставникот, педагогот, психологот, односно сите вклучени во наставниот процес имаат одговорност и задача да им помагаат и да прават советувања со учениците, да им даваат насоки за нивното образование, како и за нивните очекувања и предизвици, со што би помогнале кај учениците да доаѓа до израз нивната волја да напредуваат во школството и да се докажуваат. Добри се, а секако од корист и работилниците што можат да се направат на најразлични образовни теми, па и теми од поширок општествен интерес, како во форма на: дебата, интервју итн. Обично тие животни вештини се реализираат на одделенски час, но не мора да значи, може да се реализираат во секое време. Можеби не изгледа така лесно и едноставно, но сепак мора да се тргне од некаде. Значи, постојат можности да ја развиваме креативноста, да придонесуваме за подобра мотивација и волја нешто да направиме и да постигнеме, така што личниот и воспитно-образовниот развој да биде на мошне завидно рамниште. 
Така учениците го збогатуваат речникот и јазикот на изразување, подобро ќе се вклопуваат во секоја средина, ќе знаат каде и како да помогнат, насочат, да најдат излез, односно на таков начин ќе бидат многу подобри, понапредни и секако успешни, на свој начин. Тоа се нарекува ориентација и пат, што отвора хоризонт кон иднината. И не само до образовен успех, ами без мотив и волја во животот ништо не се прави и не се постигнува. Ќе завршам со два цитати од Сигмунд Фројд: „Да се биде потполно искрен со себе е добра вежба“ и „Гласот на интелектот е мек, но не се смирува сè додека не биде слушнат.“

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни