X
 04.02.2024 Технологија

Со помош на нова маска, телефонските разговори во јавност ќе може да се извршуваат во тишина

Група претприемачи, инженери и професионалци во воздухопловството ја создадоа „Скајтед“, маска за апсорпција на звук на отворено, дизајнирана да создаде тишина за време на телефонски повици, како и да обезбеди приватност за време на виртуелни состаноци или онлајн игри.

Идејата била иницирана од Стефан Херсен, поранешен шеф за бизнис-развој за кабинската дивизија од азиско-пацифичкиот „Ербас“. Проектот, кој моментално е финансиран со околу 160.000 долари, користи технологија што ја намалува бучавата на млазниот мотор.

Херсен вели дека ја создал „Скајтед“ за да одговори на болната точка на авиокомпаниите, прашувајќи се како 300 патници можат да зборуваат за време на летот без да влијаат врз тишината во кабината.

Херсен сакал да најде начин на кој патниците, кои патуваат во затворен простор, ќе можат да телефонираат без да им го нарушат мирот на другите.

„Скајтед“ нуди две производни линии, едната за повремени патници, гејмери и хибридни работници, оние што работат од дома и во канцеларија, а другата специјално за деловни патници.

Маските се дизајнирани да апсорбираат 80 отсто од гласовните вибрации и може да се комбинираат со слушалки за задушување на бучавата кои му помагаат на повикувачот да ги игнорира звуците околу него.

Масовното производство ќе започне во мај, а дистрибуцијата ќе започне во декември оваа година.

Се чини дека „Скајтед“ е добра вест за оние што примаат важни телефонски повици во јавност и луѓето кои не сакаат да слушаат туѓи телефонски разговори.

Извор: Telegram.hr
Фото: Kickstarter.com/video screenshot
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија