X
 04.04.2023 Живот

МОН го објави конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови за 2023/2024 година

Министерството за образование и наука објави Конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови во за учебната 2023/2024 година. За сместување и исхрана на ученици од средното образование има вкупно 2.537 слободни места во 14 ученички домa во Скопје, Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Македонски Брод, Охрид, Свети Николе, Струмица, Струга и Штип.

Учениците што се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk или директно да поднесат хартиена пријава до ученичкиот дом.

Рокот за пријавување на учениците кои се запишани во прва, втора, трета и четврта година ќе почне од 26 јуни и ќе трае до 10 јули 2023. Листата со примени ученици ќе биде објавена на веб-страницата на МОН, како и на огласната табла на домот, најдоцна до 19 јули 2023.
Учениците што ќе бидат примени за сместување и исхрана во дом, сами ќе ги плаќаат трошоците за превоз од-до постојаното место на живеење.

Во Конкурсот е наведено дека првенство при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во Државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови на државата.
Доколку останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе биде активно од 15 август 2023 сè додека има слободни места, за што МОН континуирано на својата веб-страница ќе објавува списоци за примени ученици по домови.

Учениците со посебни образовни потреби кои се сместуваат во домовите „Искра” во Штип и во „Партенија Зографски”, „Димитар Влахов“ и „Свети Наум Охридски” во Скопје не треба да пополнуваат електронска пријава и документацијата ја доставуваат во ученичкиот дом во кој се пријавиле за сместување, од 3 до 10 јули 2023.
Во објавениот конкурс се наведени условите и постапката за прием, начинот на пријавување и потребните документи.
Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот