X
 04.05.2020 Култура

Свет на цвеќето и врбата: Кратка историја на гејшите

Квартот на гејшите во Кјото му покажува на светот безиразно лице: бескрајни редови стари дрвени фасади, мали двокатници на кои сенката од бамбусите им ги затскрива прозорците, оневозможувајќи поглед внатре.

Токму таму, во јавните куќи и во квартовите за уживање во Токио и Осака, во 17 век првпат се појавиле гејшите како танчарки и музичарки. Првите гејши биле мажи, но до средината на 18 век со таа професија завладеале жените, а традицијата е зачувана до ден-денес.

Фото: Unsplash

Модерната гејша е крем на големата индустрија која со векови се развивала за да им угоди на сензуалните желби на Јапонците. Но, таа не е проститутка. Ако има односи, тоа е по нејзина желба или како дел од траен однос. Нејзината работа е да им продава сон - за раскошот, романтиката и ексклузивноста - на најбогатите и најмоќните Јапонци. Во најскапите ресторани и куќи за чај, додека мажите водат сериозни деловни преговори, гејшите точат саке и го одржуваат разговорот - по цена од неколку илјади долари.

Малубројните жени што денес влегуваат во светот на гејшите ги привлекла романтичната претстава за нив или љубовта кон традиционалните вештини. Но, пред Втората светска војна повеќето гејши не ни имале избор, биле родени во таа работа или присилени да се занимаваат со тоа за да преживеат.

Фото: Unsplash

Во општеството во кое на жената местото ѝ било или во домот или во бордел, гејшите избрале одделно катче, создавајќи заедница на жени позната како „светот на цвеќињата и врбите“. Тие се облекувале во раскошни свилени кимона и се стремеле кон совршенство во шминкањето и отменото однесување. На врвот од популарноста, во 19 век, тие ја диктирале модата и популарната култура, биле супермодели на тоа време. Но, како што западната култура се ширела во повоена Јапонија, гејшите застанале во времето, правејќи ја традицијата дел од својата привлечност.

Гејшата, што значи лице кое живее во согласност со уметноста, ја учи церемонијата на чајот, калиграфијата, вежба танцови точки кои се единственото јавно искажување на нејзината надареност. Во тие екстравагантни приредби гејшата се движи низ низа воздржани и елегантни пози, притоа ретко претерувајќи.

Извор: National Geographic
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура