X
 04.06.2022 Технологија

Вештачка интелигенција му го врати гласот на Вал Килмер за новото продолжение на „Топ ган“

Обожавателите на „Топ ган“ однапред знаеја дека Вал Килмер ќе ја повтори својата улога како Том Ајсмен Казански во продолжението, но деталите за враќањето на актерот беа неизвесни бидејќи Килмер ја загуби способноста да зборува откако беше подложен на третман за рак на грлото во 2014 година.

Сценариото за „Топ ган: Маверик“ е инспирирано од реалниот живот на Килмер, па и Ајсмен има рак и комуницира со пишување. Килмер успева да изговори една кратка линија на дијалог, а неговиот глас е создаден со помош на вештачка интелигенција.

Во август 2021 година Килмер објави дека се здружил со „Сонантик“ за да создаде глас со вештачка интелигенција за себе. Актерот ѝ дал на компанијата повеќечасовни архивски снимки со неговиот глас кој потоа бил вметнат преку алгоритми и претворен во модел. Процесот бил повторно искористен за појавувањето на актерот во продолжението на „Топ ган“.

- На крајот, генериравме повеќе од 40 различни модели на глас и го избравме најдобриот, најквалитетниот, најизразениот. Овие нови алгоритми сега се вградени во нашиот говорен мотор, така што идните клиенти можат автоматски да ги користат - рече Џон Флин, коосновач на „Сонантик“.

Користеле „гласовен мотор“ за да му дадат глас

- Благодарен сум му на целиот тим во „Сонантик“ кој мајсторски ми го врати гласот на начин на кој никогаш не можев да замислам. За нас, како човечки суштества, способноста за комуницирање е сржта на нашето постоење, а ракот на грлото ми ја отежнуваше комуникацијата со другите. Можноста да ја раскажам мојата приказна, со автентичен и познат глас, е посебен подарок - рече Килмер.

„Сонантик“ ги исчистил старите аудиоснимки на Килмер и користел т.н. гласовен мотор за да го научи гласовниот модел како да зборува како Килмер.

- Моторот имаше десетпати помалку податоци отколку што би биле дадени во типичен проект - тврдат од „Сонантик“. Имено, тоа не им било доволно за да го спроведат проектот, па компанијата потоа решила да создаде нови алгоритми кои би можеле да ги искористат достапните податоци за да произведат поквалитетен гласовен модел.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија