X
 05.04.2018 Наука

Ја загадивме и вселената: Дали ни се заканува и технолошка темнина?!

На што помислувате кога некој ќе ви ја спомене вселената?

Повеќето од нас би помислиле на фрагменти од информации за Сончевиот Систем што сме ги слушнале на часовите по Запознавање со природата и општеството во основно училиште. Подоцна научнофантастичните филмови придонесоа вселената да ја замислуваме како непрекината битка со ласери и секојдневни телепортации, но и во орбитата на нашата планета да гледаме астронаути како лебдат над преубавата сино-зелена Земја.

Без оглед на која од овие две групи ѝ припаѓате, веројатно не сте помислиле дека наскоро би можело да има и забрана за летање во вселената.

Каква „забрана“ би била таа?

Иако вселената според нашите досегашни сознанија е бескрајна и растојанието меѓу ѕвездите е огромно, всушност, најголемиот дел од човековата активност во вселената се случува на 2.000 километри над површината на Земјата. Во тој појас од орбитата на Земјата се наоѓа Меѓународната вселенска станица, како и сателитите што ни овозможуваат телевизиски сигнали. Но, освен овие корисни човекови пронајдоци, тоа мало парче од вселената околу планетата Земја е пренатрупано со отпадоци.

Во вселената има околу 100 милиони парчиња отпадоци помали од еден сантиметар кои летаат со брзина од 22.000 километри на час, 500.000 парчиња со големина меѓу еден и десет сантиметри и огромна количина прашина, а сето тоа претставува опасност за сателитите, астронаутите и вселенските летала. Постојано се случуваат судири и бројот на парчиња отпадоци во вселената неконтролирано расте, што целата ситуација забрзано ја приближува кон проблемот што се нарекува Кеслеров синдром.

Кеслеров синдром


Тоа значи дека е можно судирите да предизвикаат каскадно судрување, при што сегашните фрагменти од отпадоци создаваат нови фрагменти, сè додека орбитата не се затрупа до ниво да предизвика неможност за лансирање нови летала, па Земјата би добила нов вид обвивка – убиец создаден од човечка рака.

Дали може Кеслеровиот синдром на вселенска бариера да се избегне? Да, само ако почнеме да ја гледаме вселената како ресурс, исто како и океаните, реките, земјиштето и ветерот. Таа мора да се одржува, но за оние што сметаат дека со напуштањето на вселената оваа работа би се решила сама по себе, очекувајќи дека ѓубрето ќе исчезне само по себе, имаме лоша вест. Чекањето евентуално отпадоците да се расчистат сами по себе би траело со векови, а уште полоша вест е дека расчистувањето оди побавно од создавање нови фрагменти.

Време е за чистење. Затоа што во спротивно, пред да сфатиме, би можеле да се вратиме векови наназад и да останеме во технолошка темнина.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука