X
 05.07.2018 Култура

Тања Лепческа и Златко Димовски ќе кажат „да“ во Галичник

Судбоносното „да“ во живописниот Галичник годинава ќе го кажат невестата Тања Лепческа, која е по потекло од Галичник, и младоженецот Златко Димовски. Од 13 до 15 јули во истоименото село на планината Бистра ќе се случи 45. манифестација „Галичка свадба“.
Неколку илјади посетители од земјава и од странство одново ќе бидат сведоци на повеќе од 30 оригинални свадбени обичаи и ритуали, проследени со традиционални народни носии, песни и ора кои пленат со својата автентичност, убавина и културна вредност.


- Горди сме што „Галичка свадба“ беше прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година од Агенцијата за подршка на туризмот, а од „Њујорк тајмс“ и „Нешeнл џиoграфик“ за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа. Овие признанија се само уште една причина „Галичка свадба“ да продолжи да го негува македонското културно богатство и да биде негов промотор во целиот свет - вели Александар Костиќ, претседател на Месната заедница „Галичник“, која е организатор на манифестацијата.

Партнер на манифестацијата и годинава е „Пивара Скопје“.

Традиционално, почетокот на „Галичката свадба“ се означува во сабота со поставување на свадбарското знаме, како и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши во недела во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“ во селото, а него ќе го направат монасите од Бигорскиот манастир и монахињите од манастирот во Рајчица. Свадбената свеченост ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Како и секоја година, со одржувањето на манифестацијата „Галичка свадба“ всушност почнува „Галичкото културно лето“, кое ќе биде официјално отворено во петок, 13 јули во 22 часот, на платото пред чешмата Упија, со настапот на Влатко Стефановски и оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова, музичките групи „Тоа е Тоа“ и „Бенд Офф“.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура