X
 05.08.2021 Наша тема

Филтер за прочистување природна вода кој влегува во секое шише - дело на велешки средношколци со кое победија на Кампот на иновации

Ако се рекреирате во природа, планинарите или возите велосипед, а немате пристап до вода за пиење, тогаш најдобро е да го користите иновативниот филтер за прочистување природна вода со кој тимот „Вин“ од средното стручно училиште „Димитрија Чуповски“ од Велес го освои првото место на Кампот на иновации организиран од „Џуниор ачивмент Македонија“

Осумте ученици под менторство на професорката Драгана Билбилоска-Јованова макотрпно работеле на неколку идеи откако ги поминале првите две фази од Кампот на иновации. Откако го прифатиле бизнис-предизвикот, кој всушност бил слика на која имало спортска опрема, еден од учениците, Петар Стојановски, му открил на тимот дека истражувал за прочистувачките својства на титаниум диоксидот и дека вреди да се обидат да смислат продукт базиран на ова соединение.

- На првата обука од 3 до 15 март децата се запознаваа со целата програма, да видат како е да се произведе производ, како да ја осмислат идејата за рекламирање, буквално како да водат компанија. Вторпат имаше национален натпревар од 10 до 31 мај. Тогаш имавме осмислено производ и добивме награда за најдобра презентација и најдобар тимски дух. Бизнис-предизвикот беше слика на која имаше спортска опрема и децата требаше да најдат решение за некој производ или креација и да го презентираат и да продадат преку својата ученичка компанија. Се работи за ученици од втора година на фармација, кои се многу креативни. Им доаѓаа многу идеи и еден ученик рече дека прочитал за титаниум диоксидот кој има прочистувачки својства – истакна професорката Драгана Јованова.



Целта била да ги опфатат спортистите, планинарите, велосипедистите и сите рекреативци што одат во природа и не можат да дојдат до прочистена вода за пиење.
- „Up-grade“ филтерот биолошки ја прочистува водата од која било река, езеро или дождовница, но може да се користи и на училиште, на работа или дома. Нашиот производ, односно филтер, може да се користи секој ден и е адаптиран за секаков вид шише. Тој се вметнува во секое шише, а надворешно има сидро-магнет на кој се приклучува самиот филтер. Активната компонента за краток период почнува да дејствува. Со цел да се забрза целокупниот процес, потребна е сончева енергија, а до неа за нецела минута доаѓаме преку магнетот, кој е црн и го предизвикува титаниум диоксидот. Додадовме и активен јаглен, кој врши апсорпција на тврдите честички во водата - рече Јованова.

Тимот победи со ова креативно решение пред четиричленото жири на Кампот на иновации, на кој имаше 66 ученици од девет училишта од Велес, Виница, Кочани, Струмица и од Скопје

Професорката вели дека учениците од втора година биле многу креативни и вложувале многу труд во време на пандемија и онлајн-работење. Затоа се надева дека преку овој проект ќе имаат бенефит, а уште поголем успех би било ако производот почне да се произведува.
- Титаниумот тешко може да се најде како производ, но идејата е креативна затоа што има научни тврдења дека ова соединение го прочистува и воздухот. Децата се многу креативни, вложуваат многу труд и се разочаруваат кога не се поддржани. Децата сакаат да учествуваат и да се натпреваруваат и јас сум многу изненадена затоа што сами сакаат да работат на интернет, на социјалните мрежи. Преку Кампот на иновации и преку средното стручно училиште се подготвуваат, за кога ќе завршат да бидат подготвени веднаш да реализираат некоја креативна идеја. Да бидат претприемачки подготвени и бизнис-настроени за веднаш да напредуваат во својата земја, што е и целта на стручното образование – додаде таа.

Ученичката Ана Гајдова објасни како нивната професорка Драгана Јованова ги мотивирала да се пријават за учество во Кампот на иновации преку кое, како што вели, добиле можност да си ги развијат идеите и да основаат своја сопствена ученичка компанија.

- Бевме ученици во втора година кога на едно од нашите онлајн-предавања професорката Драгана Јованова ни побара да направиме си-ви за нашето досегашно образование, нашите успеси и нè мотивираше да се потрудиме затоа што од нашиот клас требаше да бидат избрани пет ученици кои ќе учествуваат на Кампот на иновации и ќе имаат можност да ги развиваат своите идеи и да основаат своја сопствена ученичка компанија. Бевме избрани јас и моите соученици Јована Секова, Петар Стојановски, Моника Василева и Ангела Петковска. Прво учествувавме на Кампот на иновации во март со даден предизвик, а потоа на Националниот натпревар за ученичка компанија
каде што нашиот тим освои награда за најдобра презентација и тимски дух со нашиот едукатор и видеото за него – рече Ана Гајдова.



Учениците се мотивирале да продолжат понатаму и затоа се пријавиле на вториот Камп на иновации од „Џуниор ачивмент Македонија“, кога на тимот му се придружиле и тројца нови членови: Бојан Трендафилов, Стевани Василевска и Ружица Костовска.

- Од „Џуниор ачивмент Македонија“ ни дадоа предизвик да смислиме производ или услуга што ќе помогне при спорт и рекреација. Решивме да го искористиме нашето знаење од струката и се одлучивме за филтер за вода со титаниум диоксид, активен јаглен и активатор на сончева светлина. Затоа што имавме краток рок за производот и презентацијата, веднаш ги поделивме улогите и почнавме со работа. За околу една недела дојдовме до крајниот производ и бевме многу задоволни од завршената работа. Верувавме во себе и некако се надевавме на победа. Сега со нетрпение чекаме да дојде следната година и повторно да учествуваме, да се дружиме и да ги остваруваме нашите соништа заедно како тим - додаде ученичката Ана Гајдова.

Тимот на „Димитрија Чуповски“ на Кампот на иновации ги победил тимот на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, кој го освоил второто место за својот мултинаменски ранец направен од искористени материјали, како и тимот од „Владо Тасевски“ од Скопје, кој смислил автомати за рециклирање стари патики.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема