X
 05.10.2023 Живот

Тинејџерите добиваат 5.000 известувања на телефоните на ден, а пред екраните се повеќе од 4 часа дневно

Иако сите знаеме дека телефоните денес ни одземаат многу време, тинејџерите поминуваат повеќе од четири часа на ден пред нив.

Апликацијата „Тик-ток“ го исполнува најголемиот дел од тоа време, речиси два часа дневно, а некои добиваат по 5.000 известувања на телефон во период од 24 часа.

Ова се резултатите од новото истражување спроведено од американската невладина организација „Комон сенс медија“ и Детската болница при Универзитетот Мот во Мичиген. Преку апликација, истражувачите го следеле времето на екранот на 203 корисници на андроид-телефони, на возраст од 11 до 17 години, во текот на 9 дена. „Епл“ не сподели вакви податоци со истражувачите.

Резултатите се изненадувачки, ако се земе предвид дека иако просечното време што тинејџерите го поминуваат на телефон е околу 4 часа дневно, некои од нив успеале таа граница да ја доведат до 16 часа во текот на денот. Голем дел од нив времето го поминуваат на социјалните мрежи, а апликацијата „Тик-ток“ им е апсолутен фаворит. Од четирите часа поминати на телефон, два часа седат на „Тик-ток“.

На второ место се најде „Јутјуб“, каде што поминуваат околу 40 минути дневно. На „Инстаграм“ тинејџерите поминуваат околу 16 минути, а на „Снепчет“ 10 минути.

Вреди да се напомене дека за повеќето од споменатите апликации минималната возраст на корисниците е 13 години.

aplikacija
Фото: Common Sense Media

Исто така, истражувањето открива дека просечниот број на известувања што ги добиваат на телефон е повеќе од 200, а кај некои тој број се зголемува на 5.000 дневно.

Една од главните причини зошто помладите ја сакаат апликацијата „Тик-ток“ е тоа што таа се базира на видеа. Ова значи дека нема потреба да прават ништо „исцрпувачко“ како читање или пишување, туку само „скролаат“ низ видеата. Истата причина може да ја објасни и популарноста на „Јутјуб“.

„Тик-ток“ соопшти дека поставува дневно ограничување на екраните од 60 минути на профилите на тинејџерите и ги спречува да добиваат известувања во текот на ноќта.

Интересно е тоа што истражувањето ги потврди стравувањата на компанијата „Мета“ и докажа дека „Фејсбук“ е за стари луѓе. Стратегијата за привлекување повеќе млади луѓе на оваа социјална мрежа пропадна бидејќи учесниците во истражувањето поминувале во просек една минута на оваа апликација или 0,1 отсто од нивното дневно време пред екранот.

Времето што децата го поминуваат на телефонот ги загрижува нивните родители, кои стравуваат дека паметните уреди можат да влијаат врз нивното учење, како и врз нивното здравје и сон. Фактот дека најмалку 50 отсто од учесниците во истражувањето добиле дури 237 телефонски известувања во еден ден веројатно ќе ги влоши тие стравови.

Се разбира, повеќето од тие известувања најчесто доаѓаа од социјалните мрежи. Исто така, 59 отсто од учесниците имале телефонска активност помеѓу 12 и 5 часот наутро, иако тоа вклучува и пуштање звуци или музика што им помага полесно да спијат.

Но, оправдан е и стравот од влијанието врз училишните активности бидејќи дури 97 отсто од нив ги користеле телефоните за време на училишните часови. Џени Радески, водечки истражувач на истражувањето, рече дека нејзините резултати покренуваат прашања за тоа како училиштата би можеле да работат со младите луѓе за да им помогнат да имаат поголема контрола врз користењето на телефонот.

Извор: Benchmark.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот