X
 06.02.2024 Наука

Ураганите стануваат толку силни што е потребна нова категорија, предупредуваат научниците

Научниците наведуваат дека поради климатските промени, ураганите станале толку силни што треба да се воведе нова категорија на сила од 6 (претходната скала има категории од 1 до 5) за таканаречените мегаурагани.

Во текот на изминатата деценија забележани се пет бури кои би можеле да се вклучат во новата категорија. Мегаурагани се бури со постојан ветер од 308 километри на час или повеќе.

- 308 километри на час - тоа е веројатно побрзо од повеќето возила „ферари“, што е тешко да се замисли. Не би било добро да се биде среде ураган со таква јачина - вели Мајкл Венер од Националната лабораторија Лоренс Беркли во САД, пренесува „Гардијан“.

Во истражувањето, научниците предложија продолжување на скалата на ураганите Сафир-Симпсон, која беше развиена во раните 70-ти години од страна на инженерот Херберт Сафир и метеорологот Роберт Симпсон. Според сегашните категории на оваа скала, секој ураган со одржлива максимална брзина на ветер од 119 km/h или повеќе спаѓа во категоријата 1.

Како што се зголемува брзината на ветерот и се зголемува опасноста за имотот и животот, се зголемува и нивото на категоријата. Ураганите со постојан ветер од 252 km/h или повеќе припаѓаат на највисоката категорија 5. Бурите од оваа категорија предизвикаа огромни штети во последните години; како ураганот Катрина кој го опустоши Њу Орлеанс во 2005 година и разорниот ураган Марија во Порторико во 2017 година. Сепак, научниците наведуваат дека поради климатските промени, има уште поекстремни бури кои би требало да имаат своја категорија. Примерите ги вклучуваат тајфунот Хаијан, кој уби повеќе од 6.000 луѓе на Филипините во 2013 година и ураганот Патриција, кој достигна максимална брзина од 346 км/ч кога се формираше во близина на Мексико во 2015 година.

- Бурите веќе станаа поинтензивни и тоа ќе продолжи и во иднина... Досега ги немаше во Атлантскиот Океан или во Мексиканскиот Залив. Но, тоа е само чиста среќа бидејќи таму има услови да се формира ураган од 6. категорија. Јас се надевам дека тоа нема да се случи, но ништо не е сигурно. Бурите веќе станаа поинтензивни и ќе продолжат да го прават тоа - потенцира Венер.

Иако вкупниот број урагани не се зголемува поради климатските промени, нивниот интензитет е значително зголемен. Прегреаните океани и потоплата, повлажна атмосфера им даваат дополнителна енергија на бурите. 

- Нашата главна цел е да ја подигнеме свеста дека климатските промени влијаат врз најсилните бури - вели Венер.


Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука