X
 06.06.2018 Наша тема

Весна Иваноска, директорка на SEDC: Над 80% од нашите студенти лани се вработија по шест месеци од дипломирањето

Традицијата за бесплатно студирање за најдобрите кандидати е дел од нашата нагласена општествена одговорност, но и политика за откривање млади таленти. Ги охрабруваме сите заинтересирани, со своето знаење во дел од насоките на академиите за програмирање, дизајн или компјутерски мрежи, да бидат дел од натпреварот – предизвик „Challenge Day“ што ќе се одржи на 18 јуни, а на 25 јуни во Охрид


Весна Иваноска

Постојано ги охрабруваме студентите на Seavus Едукативен и развоен центар да учествуваат на различни натпревари и предизвици. Не толку поради самите резултати, колку поради можноста да изодат некој процес, да искусат, да научат, да сретнат инспиративни професионалци и да стекнат корисни контакти. Кога ваквите настани резултираат и со некое освоено признание, среќата е уште поголема – вели Весна Иваноска, директорка на SEDC.
Десетта година таа чекори смело во темпото на образованието на 21 век, создавајќи заедно со својот тим платформа која е достојна за модерното време. Иако учебната година завршува, во SEDC проектите никогаш не стивнуваат.

SEDC е успешна приказна, образовна институција што го следи чекорот на модерното време. Бројот на студентите расте, програмите, исто така. Кои се адутите што ве прават така примамливи кај студентите?

- Добиваме многу пофалби и признанија, но најубаво е чувството кога некаде случајно, анонимно, ќе наслушнете добронамерници дека ако сакаш навистина да научиш, нема двоумење, SEDC е вистинскиот избор. Што е она што нѐ прави избор број еден? Добро избалансиран микс од извонредни луѓе, посветени тренери и ментори, голема љубопитност за сè што се случува во светот на бизнисот и технологијата и одлични услови за работа и учење применливо знаење. Резултатите се: задоволни, но и мотивирани студенти кои не само што наоѓаат работа, туку и многу брзо професионално растат, водат големи проекти, започнуваат свои бизниси.

Минатата година ја добивме довербата од повеќе од 200 студенти, а и процентот на вработливост исто така бележи рекорд. Над 80% од нашите завршени студенти добија работа во период од само 6 месеци по завршувањето на Академијата. Тоа е барем она што се гледа и лесно се мери. Во заднина е всушност многу сериозна и напорна работа. Многу повеќе од убави инстант маркетинг-кампања и силни ветувања. Одлучуваме внимателно, а сепак доволно брзо за да се следат трендовите, постојано анализираме, истражуваме, прифаќаме критики, се менуваме. На крај, не помалку важно за нашиот имиџ е што SEDC за цело ова време го има Seavus, би рекла како ветар во грб, но истовремено и како потсетување да се следат секаде и секогаш високите стандарди и одличната репутација.


За најдобрите кандидати сте отворени и за поголема соработка, преку Challenge day или денот за предизвик за стипендирање. Како може некој да ја добие таа привилегија и колкав процент од кандидатите ја добиваат?

- Традицијата за стипендирање, односно бесплатно студирање за најдобрите кандидати е дел од нашата нагласена општествена одговорност, но и политика за откривање и поддршка на млади таленти. Ги охрабруваме сите заинтересирани, со своето знаење во дел од насоките на академиите за програмирање, дизајн или компјутерски мрежи да бидат дел од овој натпревар – предизвик. Повикот за првиот „Challenge Day“, кој ќе се одржи на 18 јуни, е веќе активен, а на 25 јуни истиот ќе го организираме и во новите простории во Охрид. Сите детали можат да се најдат на нашите канали на социјалните медиуми.

Меѓународните успеси на вашите студенти се многубројни. Тие можеби најмногу зборуваат за квалитетот што го нудите. Да издвоиме некои од последните успеси.

- Постојано ги охрабруваме студентите да бидат дел од различни натпревари и предизвици. Не толку заради самите резултати, колку заради можноста да изодат некој процес, да искусат, да научат, да сретнат инспиративни професионалци и да стекнат корисни контакти. Кога ваквите настани резултираат и со некое освоено признание, среќата е уште поголема. Годинава ќе ги издвојам првото место на „Биталон“ - Хакатонот организиран од страна на Амбасадата на Израел, и исто така освоено прво место на Code Fest 2018 на кој, традиционално, учествуваме со најголем број тимови.



Програмата iThink неколку години на „креативен мегдан“ ги става и децата. Расте ли интересот и дали постои опција да се рашири програмата во повеќе градови надвор од Скопје?


- IThink, слично на сè што прави SEDC, многу брзо го зацврсти своето место на пазарот на едукативни програми, пред сè поради уникатноста на продуктот, но повторно, квалитетот на програмата, можноста и децата да работат на реални проекти, посветеноста на тренерите и секако искрената љубов на децата кон технологијата. IThink расте во број на деца, но расте и во зрелоста на целиот концепт кој од оваа година веќе добива уште едно ново, трето ниво.

Какви новитети ќе донесат вашите програми годинава?

- Годинава ќе претставиме два нови продукти. Нова насока на Академијата за мрежи за профилот Security Specialist, која се подготвуваше и најавуваше подолго време. Очекуваме голем интерес со оглед на актуелноста на оваа проблематика третирана од неколку големи вендори, како EC-Council, Microsoft и CompTIA. IТhink, пак, повторно има едно ново и возбудливо изненадување - трето ниво IThink, базирано на гејмификација и развој на игри. Во меѓувреме SEDC преку својата програма Сеавус Инкубатор стана амбасадор на Startup Europe иницијативата и во таа насока ќе ги засилиме и активностите за поддршка на иновативноста, претприемаштвото и воопшто стартап-сцената.


Како, според Вас, треба да изгледа образованието на 21 век и каде го гледате SEDC во тој поглед?

- Денес, повеќе од кога било претходно, образованието го гледаме низ призмата на технолошкиот бум, кој едноставно нѐ опседнува сите. Тоа колку е предизвик, толку е и замка, зашто на вештачката интелигенција, која морам да признам успешно нѐ заведува, уште долго, ако не и засекогаш, ќе ѝ фали човечкиoт, менторскиот карактер и вредностите без кои колку и да се автономизираме, секој предизвик ќе биде само резултат во бројки, а не суштински раст. Ако не поставиме добра основа за професионална трансформација, може брзо да прегориме, а тоа не е добро бидејќи ова патување на драматични промени во пристапот кон учењето ќе трае долго, односно нема да заврши.
Tокму поради интензивната дигитализација и автоматизација, трендот е повторно свртен кон т.н. „people skills”, односно вештини за комуникација и менаџирање со луѓето, како социјалната и емоционална интелигенција, когнитивната флексибилност, способноста за колаборативност (денес сѐ почесто виртуелна). Мислам дека токму овој баланс во пристапот е и нашата сигурна карта за образованието на иднината.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема