X
 06.06.2022 Наука

Лекари трансплантирале 3Д-печатено уво направено со клетки од пациентот

Научници од компанијата „3Д Бајо теурапјутикс“ успешно трансплантирале 3Д-печатено уво направено од клетки на самиот пациент.

Според експертите, ова веројатно е прва ваква трансплантација во полето на инженеринг на ткива и може да биде предвесник на нова ера на регенеративна медицина.

- Ова дефинитивно е големо нешто. Покажува дека оваа технологија веќе не е прашање на дали, туку кога - вели истражувачот од полето на биомедицинскиот инженеринг, Адам Фејнберг, кој не бил вклучен во проектот.

Пациентот е 20-годишна девојка која била родена со мало и лошо формирано уво поради ретко нарушување наречено микротија.

Во клиничко испитување направено годинава експертите направиле ново 3Д-печатено уво, кое било дизајнирано совршено да се совпаѓа со другото нејзино уво, и го трансплантирале на нејзината глава.

Од компанијата велат дека увото ќе продолжи да расте, генерирајќи нова 'рскавица.

Според пишувањата на американските медиуми, ова испитување може да е првиот пат 3Д-печатен имплант направен од живи ткива успешно да е трансплантиран на човек.

Компанијата искористила половина грам клетки собрани од пациентот и од нив создала милијарди клетки. Потоа специјален 3Д-печатач го искористил биомастилото базирано на колаген за да го испечати увото.

Компанијата не откри технички детали, а резултатите од клиничките испитувања допрва треба да бидат објавени бидејќи тие сè уште траат со оглед на тоа дека во нив учествуваат 11 пациенти.

Во „3Д Бајо теурапјутикс“ се надеваат дека ќе можат истата техника да ја применат и за други делови од телото.

Печатењето посложени делови од телото, сепак, претставува многу поголем предизвик од увото, кое има претежно козметичка намена.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: 3DBio Therapeutics
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука