X
 06.08.2021 Здравје

Не ги слушате луѓето кога е бучно наоколу? Студија го поврзува тоа со ризик од деменција

Слухот е вештина која многумина од нас ја земаат здраво за готово. Но, ново истражување посочува дека возрасните би требало да ги слушаат промените во слухот бидејќи проблемите со слухот може да се поврзани со развој на деменција на постари години.

Во истражување во кое биле вклучени повеќе од 80 илјади лица постари од 60 години, оние што имале проблеми со слухот во бучна околина имале поголем ризик од деменција, што е термин за состојби кои го карактеризираат губењето на помнењето и тешкотиите со јазикот и другите размислувања.

Но, во студијата се додаваат докази кои посочуваат дека проблемите со слухот не мора да се само симптом на деменција, туку ризик-фактор од деменција, кој би можел да ги предупреди луѓето, нивните фамилии или лекарите на болеста пред да дојде до влошување.

Ризикот од деменција бил анализиран за група од повеќе од 82.000 жени и мажи на возраст од 60 или повеќе години, кои немале деменција и на почетокот од студијата им бил проценет слухот.

На испитаниците им бил тестиран слухот на говор во бучава, што е способност да се издвојат делови од говор во бучна околина - во овој случај препознавање на изговорени броеви со заднинска бучава.

По приближно 11 години, 1.285 испитаници развиле деменција, покажале податоците од здравствените досиеја.

- Учесниците што имале полош слух имале речиси двојно поголем ризик од развој на деменција во споредба со оние што имале добар слух - вели Томас Литлџонс од Универзитетот „Оксфорд“, епидемиолог и автор на студијата.

Интересно е што околу половина од учесниците во студијата кои не слушале доволно добро во бучна околина и околу 42 отсто од оние што имале слаби резултати на тестот не забележале дека имаат оштетување на слухот кога биле прашани за тоа.

Истражувачите, исто така, го зеле предвид и тоа дали ослабувањето на слухот е поврзано со други фактори за кои се знае дека влијаат врз зголемување на ризикот од деменција, како што се социјалното изолирање и депресијата, кои може да се случат ако луѓето имаат проблеми со слухот.

Но, најдовме малку докази за тоа - вели Литлџонс.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје