X
 06.11.2023 Колумни

Создавање и одржување квалитетна настава

Ќе започнам со основното наставно средство, без кое не го личи наставниот час, а тоа е УЧЕБНИКОТ. Оваа учебна година учениците, особено тие што учат по новата наставна концепција од прво до шесто одделение сѐ уште не ги добиле сите учебници за кои е променета наставната програма, а со тоа се изменети и некои наставни единици и содржини.

МОН и БРО, немате никаква соработка, а уште помалку заеднички јазик, освен она народски кажаното: „префрлање на топката, едни на други“. Премногу доцните, и оттука секој изговор е неоправдан. Толку! Се снаоѓаме бидејќи немаме друг начин, со цел учениците да не останат без потребни информации по предметот што се предава. Нормално, наставниците секогаш ја бранат својата професија на најдобар можен начин (има исклучоци, точно). Учебниците, да претпоставиме дека ќе се достават до училиштата барем до Нова година, но потоа ќе се отвори друго прашање: Каков квалитет и правопис ќе понудат тие? Ќе видиме! Уште еднаш да повториме: не смее наставниот час, односно школската клупа, да нема учебник. Ќе продолжам со книжен дневник, за кој имаше реакции да се укине, па се укина, но, сега повторно дел од просветата го бара. Значи, КНИЖЕН ДНЕВНИК треба да се врати во наставниот процес наместо е-дневник. Зошто да се врати? Затоа што со електронскиот дневник може лесно да се манипулира, во смисла: бришење на изостаноци, оценки итн. Не може наставник кој му ставил 1 во дневникот на ученикот, по некое време да ја избрише таа оценка. На што личи тоа? Тоа ли е наставник со принцип, методи и начини на работење? Не може така. Не се гради авторитет така! Зедов само очигледен пример, којзнае што има друго. Се знаеше, во книжниот дневник секој наставник си ги запишуваше сите потребни, наставни активности и немаше тука бришење или пуштање воннаставни активности на класниот раководител на „Месинџер“ за да ги внесел во е-дневникот, затоа што само тој можел да ги внесе. Книжниот дневник архивски трае, се чува до 10 години. Тој е лик и дело за професијата учител, наставник, професор... секако, подразбира пенкало в рака, а не мобилен и тастатура. Електронски, само дополнително сме административно оптоварени, што не е потребно и нормално дека одзема време, секој наставник нема толку програмски вештини да може да раководи електронски. А слушаме дека второто полугодие ќе бидел надграден електронскиот дневник. Ајде и тоа чудо да го видиме и доживееме. Нашата наставна обврска не е да вртиме по електронскиот дневник и да пишуваме не знам какви програми..., или извештаи итн., ами ние треба да го даваме максимумот за учениците (додатна, дополнителна, слободни ученички активности, воннаставни активности итн.). Понекогаш е невозможно да се стигне до целосна реализација, но се трудиме во секој случај да нема пропусти.

Следно што сакам да кажам е: ФОНДОТ НА ЧАСОВИ НА УЧЕНИЦИТЕ. Три пати неделно по 7 наставни часа и 2 пати неделно по 6 часа, некаде варира бројот на часови, значи тоа се неделно 33 часа. И сега каде ќе ги ставиме другите активности кои задолжително се бара да се реализираат? Како детето ќе остане по 7. час, или како би дошло пред час, а во денот има 7 часа. Фактички доаѓаат 8 часа, што е премногу за еден детски мозок. Концентрација нема! Комбинираме како би било најдобро, меѓутоа, повторувам, станува потешко да се реализираат сите тие дополнителни активности. Учениците имаат и други активности надвор од училиштето, па оттука добива смисла, според мене, само училишната секција, на која можат учениците да се ослободат со нивните вештини и умеења. Како пример ја земам драмската секција што ја водам. Фондот на часови мора да се намали, а на тој начин порастоварени ќе бидат и учениците и наставниците. Учениците треба да имаат неделно по 20-25 наставни часа и активности за да може без тешкотии и нормално да се одвиваат сите законски предвидени обврски. Но, додека да се случи тоа (се сомневам дека воопшто ќе се случи), ќе наоѓаме најдобри начини како да им бидеме од помош на учениците, нормално, во согласност со родителите.

Ми останува да кажам за крај уште за соодветниот/несоодветниот наставен кадар. По секој наставен предмет треба да постои СООДВЕТЕН НАСТАВНИК, а тоа во последниве две-три години го нема. Што сакам да кажам? Сакам да кажам дека навистина немаме наставни кадри по одредени наставни предмети, односно во АВРМ нема дипломирани, пријавени од одредени области (сигурно е така и во други работни дејности). На тој начин, мора некој да држи настава, а тоа е несоодветен наставник по предметот, кој изнаоѓа начини како учениците да го учат предметот. Не е лесно, воопшто. Дефицитарниот кадар е веќе реалност, а со текот на годините ќе бележи раст. Дали тоа се должи на политичката ситуација во земјата или воопшто да не се сака да се работи во образование, тоа го знаат младите кои се соочуваат со предизвикот да студираат, а сите ние добро ги разбираме. Ќе дополнам: добро е што секогаш излегуваме во пресрет кога треба да се замени некој отсутен колега, без разлика дали го предаваме тој предмет или не. Околностите го бараат тоа. За мене лично, тоа воопшто не е тешко, напротив, колегијалност! И сега, кога ќе сумираме за дел од наставните проблеми за кои пишував, а ги има уште многу, до каков заклучок ќе дојдеме? Колку да сакаме да го создаваме и одржуваме квалитетот на наставата, самите животни услови го менуваат. Значи, за да се одржува стабилен воспитно-образовен и наставен процес, сите ние што сме вклучени во него треба да придонесуваме за подобро утре, за иднината на децата со кои работиме, кои ги воспитуваме и образоваме. А сите ние со упорност, знаење и умеење се трудиме да имаме квалитетен наставен процес. Можеби изгледа песимистички, но имаме должност да гледаме позитивно на тоа што сме и од кое црпиме егзистенцијален надоместок. Да го вратиме оптимизмот, за да биде подобро! 

Квалитетната настава е огледало на квалитетниот наставен кадар, оти тој е столбот во училишната средина и главниот менаџер на часот. Имаме, навистина имаме квалитетни наставници, дадени како дар од Бог, кои се светлина во воспитно-образовната дејност. Нека ги има што повеќе! За крај, на сите ученици им го честитам постигнатиот тримесечен успех!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни