X
 19.02.2015 Образование

Писмо од студент во странство: "Пленумци, се восхитувам на вашата храброст и мотивација!"

kolumna

 

Дечки, не пофалби, вие заслужувате со ордени да бидете наредени!


Кaко секое утро, по навика, отворам да прочитам некој онлајн весник, онака чисто и денес да се убедам дека ете моиве стварно биле у право кога ме пратиле на студии во странство...И како по дифолт, очекувам да ми излезат истите депресии како секогаш: здравство полошо отколу во оние земји од третиот свет, воведување на непотребни даноци, секојдневно кршење на основните човечки права, и ред други светски (а само наши!) чуда... И таман да затворам, демек си ја земав дозата  дневен позитив, ееј, ми излегува некој наслов со зацрнети букви, зборува за некакво ослободување, слободна автономна зона, студентите се обединиле, си го зеле она што им припаѓа ним, и никој друг...Што?!! Читам, и во моментот не знам дали да им верувам на очите, дали сум почнала да имагинирам како последица од мојата хронична носталгија, или конечно македонската иднина стварно решила да стави крај на угнетувањето!?!

Отворам Twitter, Facebook, и веднаш почнувам да се борам со море од солзи, оние радосниците, гледам слики, видеа, и ми доаѓа на глас да им кажам на сите колеги во амфитеатарот  „Ова е мојата земја, затоа сакам да се вратам таму! Вака моите колеги се борат за нивните права!“

Дечки, не пофалби, вие заслужувате со ордени да бидете наредени! Сите, до еден! Политичките „лидери“ мислеа дека бескрајно ќе владеат, дека овој народ постепено, но сигурно, ќе заборави да размислува со своја глава, и ќе продолжи да ги усвојува нивните нелогични одлуки! Шо би реколе старите, ем врзани, ем сопнени ги направија постарите генерации; а дигнеш глас, готово, и оној досега кучешки живот што си го живеел станува помизерен. И не дека ги оправдувам и нив, но еве, ќе речам дека ги разбирам нашите родители; за да можеме да живееме ние за нијанса подобро, затвориле усти, очи и уши и не смеат глас да пуштат, а не дај Боже да се пожалат! Се’ блеска во Македонијава, така им ги програмирале мозоците да работат!

Е, ама „лидериве“ скроз заборавија дека македонските студенти се казнети максимално! Е они нема што повеќе да изгубат бе господа! Што уште би можеле да направите?! Да создадете покатастрофални услови по студентските? Невозможно е, животните у странство живеат во подобри услови! Да ја зголемите стапката на невработеност уште повеќе? Нашле тие решение за тоа, куферите и странство! Дури не можете повеќе ни да го деградирате нивното его, сте достигнале кулминација! И доста е, доста молчеа, доста солзи голтаа седејќи дома без никакви надежи за иднина во татковината!

 

Доста ја навредувавте нивната интелигенција! Пленумци, АЛАЛ ДА ВИ Е! Е во ваква држава сакам да се вратам и да живеам, опкружена со луѓе кои знаат што е право, а што не! Луѓе кои се подготвени да го жртвуваат своето добро, за доброто на идните генерации! Несебични луѓе, кои не се задоволуваат со кожена фотелија, додека 90% од народот живее во агонија, ами цвсрсто решиле да стават крај на изживувањата на „лидерите“!

Мои најдраги Колеги, не сакате само вие другарите да ви се вратат од Америка, и они самите сакаат да се вратат! Но, сакаат да се вратат во едно нормално општество каде владее вистинска демократија, а не диктатурата на поединци! Пленумци, овие неколку денови вие им донесовте светла точка на сите мои желби! Вие ми ја вративте вербата дека судбината на жалната Македонија не мора засекогаш да биде жална!Надежта за подобро утро е токму во вас! Не попуштајте и не паѓајте под нивните закани, или лажни ветувања! Истерајте ја оваа борба до крај! Да знаат „големите господа“ дека време е да се сменат улогите, и глумците-аматери да ја напуштат претставата, или да си ги научат улогите и да почнат да играат според правилата!

Ве поздравувам Пленумци, и и’ се восхитувам на Вашата храброст и мотивација!

Со почит,             
Ваша колешка и Bаш најгoлем фан!



Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование