X
 07.03.2019 Образование

Образованието е повеќе од просек 5,0



Школата за уметност и дизајн „Џолев и уметностите“ објави повик за стипендирање на средношколци од цела Македонија кои изминатата учебна година ја завршиле со просек под 3,9, со наслов „Образованието е повеќе од просек 5,0“.

Целта на овој проект е мотивирање на учениците да го продолжат личниот развој во областите на уметноста и дизајнот, како и подигање на свеста за индивидуалниот пристап и важноста на секој предмет од образованието за секој ученик, без разлика на нивниот просек.

„Образовниот систем има тешкотии да ги препознае талентираните ученици. Како школа која организира програми од областа на дизајнот и уметностите, имаме одговорност да се обидеме да придонесеме кон препознавање на овие млади момци и девојки. Искуството од оваа кампања изминатите години ни го потврди ова, запознавме прекрасни, талентирани средношколци, кои поради послабиот генерален просек не биле во можност да бидат пофалени или охрабрени за квалитетите што ги носат во себе. Денес, тие се студенти на генерација на факултети од уметноста, дизајнот и креативните индустрии“, изјави Дејан Џолев, уметнички координатор на „Џолев и уметностите”.

Повикот за стипендија е отворен од 1 до 15 март 2019 година. Апликацијата се поднесува преку електронска пријава, со приложено мотивационо писмо во кое секој кандидат ќе треба да ги наведе причините за избор на програмата и своите понатамошни амбиции во дадената област.

Избраните кандидати, добитници на целосна стипендија, ќе бидат објавени на 21 март 2019 година.

Со официјалниот почеток на пролетта, на 21 март 2019 година, ќе бидат соопштени трите средношколци што ќе добијат целосни стипендии.

Сите детали околу програмите за кои ќе бидат доделени целосните стипендии можете да ги најдете на следниот линк: https://www.facebook.com/events/396092107634196/

„Џолев и уметностите“ е школа за уметност и дизајн која веќе осма година по ред креира и организира програми во вид на академии, курсеви, обуки, предавања и работилници од областа на уметноста, дизајнот и науките блиски на уметноста.

071 240 598
www.djolevandarts.com
www.facobook.com/DjolevAndArts

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование