X
 09.06.2022 Живот

Бројот на супербогати луѓе лани се зголемил за 300 лица

Вкупното светско богатство порасна за 10,3 отсто во 2021 година, на 473 трилиони долари, главно благодарение на „цветањето“ на берзата, според студија објавена денеска од Бостон консалтинг Груп (БКГ).

Станува збор за најголем раст во повеќе од една деценија, а бројот на супербогатите, што БКГ ги дефинира како лица со имот вреден над 100 милиони долари, порасна за околу 300 луѓе.

Најмногу супербогати, 25.800 лица имаат САД. Потоа следува Кина со 8.500 супербогати луѓе. На третото место е Германија. Во светот околу 69.000 супербогати поединци поседуваат 15 отсто од финансиските средства што може да се инвестираат.

Вредноста на материјалните средства, вклучувајќи недвижности, уметности и злато, порасна за 11 отсто, на 13 трилиони долари во 2021 година. Веќе некое време особено силно расте вредноста на недвижностите.

И покрај економските последици од војната во Украина, извештајот на БКГ предвидува дека богатството и понатаму ќе расте во целиот свет. Се очекува силно зголемување првенствено во Азија.

Доколку рускиот напад на Украина заврши годинава, се очекува глобалното богатство да порасне за 5,3 отсто годишно, со што би достигнало речиси 80 трилиони долари до 2026 година.

Студијата пресметува просечно зголемување од 5 отсто доколку војната продолжи и санкциите бидат построги или потраат подолго.
Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот