X
 10.01.2019 Наука

Зошто раните побрзо заздравуваат преку ден?

Има многу состојби што може да се преспијат, на пример, лошо расположение или мамурлак. Но, според нова студија, едно нешто е тешко да се преспие, а тоа е повреда на кожата. Најдоброто нешто за лекување на овие повреди е денот.

За да се објасни зошто е така, мораме прво да позборуваме за циркардијалниот ритам. Познат како внатрешен часовник, циркардијалниот ритам е многу моќен. Ако си играте со него (со нередовен сон, на пример), брзо ќе се заморувате и ќе има повисок ризик од срцеви заболувања и дијабетес на долгорочен план.

Циркардијалниот ритам е исто така важен и за најголемиот човечки орган, кожата. Поточно, според истражувачи од Кембриџ, тој влијае врз фибробластите (јадрени клетки што влегуваат во состав на сврзното ткиво). Овие клетки функционираат како лекари што патуваат. Кога кожата е повредена, тие се упатуваат до раната за да произведат колаген и други протеини за заздравување на раната.

За да патуваат низ телото, фибробластите се потпираат на протеин наречен актин, кој е подостапен преку ден отколку преку ноќ. Не е јасно зошто е така, но една теорија вели дека нашата одбрана против повредување се зајакнува и слабее со веројатноста дека ќе се повредиме. Поради тоа што луѓето се поактивни преку ден, а со тоа и поподложни на повреди, еволуирањето направило одбраната на нашите тела да биде најсилна во тој временски период.

За да го проучат овој феномен, истражувачите ја проучувале и културата на клетките на кожата кај живи глувци, мерејќи колку брзо им заздравуваат раните. Утврдиле дека актинот бил подостапен и фибробластите работеле побрзо кога гребениците на кожата се случувале во дневни услови. Всушност, тие утврдиле дека повредите заздравуваат речиси двапати побрзо преку ден отколку преку ноќ.

Сличен резултат имале и кога станувало збор за луѓето. Кога ги анализирале податоците за жртви што случајно се изгореле, утврдиле дека на луѓето што се изгореле преку ноќ (од 20 до 8 часот) им требало околу 60 отсто подолг временски период за да заздрават за разлика од оние што се изгореле преку ден. За заздравување на изгорениците здобиени преку ноќ биле потребни околу 27 дена, додека за оние здобиени преку ден околу 17 дена.

Секако, не можеме да темпираме кога ќе се повредиме, но ова може да им биде од помош на лекарите.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука