X
 10.01.2022 Живот

Како пандемијата ја менува демократијата?

На Запад, особено европските земји, брзо ги ограничуваат основните слободи во име на борбата против коронавирусот. Францускиот претседател Емануел Макрон предизвика бес оваа недела велејќи дека сака да ги „изнервира“ оние што не сакаат да се вакцинираат „со што е можно повеќе ограничување на нивниот социјален живот“.

Таа изјава на лидерот на земја која се смета за глобален светилник на слободата го илустрира степенот до кој пандемијата ги промени националните приоритети. Соединетите Држави, исто така, презедоа агресивни чекори, вклучително и затворање на границите за поголемиот дел од светот на 20 месеци и воведување задолжителни вакцини за сите вработени во федералните и големите компании.

Организацијата за човекови права „Унија за граѓански слободи за Европа“, со седиште во Берлин,  во извештајот минатата година предупреди дека мерките против невакцинираните може да ги „влошат постојните нееднаквости“.

- Мерките би можеле да создадат општество со две класи во кое некои би уживале широк опсег на слободи и права, додека други би биле исклучени - се вели во извештајот.

Прогон или заштита?


На почетокот на пандемијата владите воведоа општи заклучувања и полициски час за да го спречат ширењето на вирусот. Но, во текот на изминатата година повеќето земји почнаа да ги приспособуваат своите стратегии со воведување дигитални ковид-сертификати со кои се докажува дека некое лице е вакцинирано.

Соочени со варијантата омикрон, некои влади, првенствено на Австрија и на Холандија, се вратија на единствениот пристап за сите и им наредија на граѓаните да се повлечат во своите домови за време на новогодишните прослави. Многу земји во светот го засилуваат притисокот врз граѓаните што одбиваат да се вакцинираат.

Минатиот месец Австрија им нареди на невакцинираните да останат дома. Во февруари земјата ќе биде прва во Европа што ќе воведе задолжителна вакцинација за повеќето луѓе.

pandemija
Фото: Freepik

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека неговата земја треба да одржи „национална дебата“ за задолжителната вакцинација, а слично размислува и германската влада.

Француската влада предложи Франција да го следи примерот на Германија и да им забрани на невакцинираните влез во ресторани, кина и спортски центри. И додека јавната поддршка за ограничувањата беше висока на почетокот на кризата, пандемскиот замор предизвикува растечки отпор кон новите ограничувања.

Невакцинираните протестираат против дискриминацијата, а некои дури одат дотаму што го споредуваат третманот на невакцинираните со прогонот на европските Евреи за време на Втората светска војна.

Илјадници луѓе во Холандија, Австрија, Германија, Белгија и во Франција излегоа на улиците за да протестираат против правилата и ковид-потврдите, а избија и судири со полицијата.

Ова незадоволство го користат екстремно десничарските, крајно левичарските партии и оние што се противат на таквата политика. Во Германија слободните демократи поминаа многу добро на изборите во септември, откако се спротивставија на строгото затворање во изборната кампања.

Во Франција, каде што се очекува да се одржат претседателски избори во април, кандидатите на крајната десница на Марин Ле Пен и Ерик Земур жестоко ги критикуваат сертификатите за вакцинација предложени од Макрон.

Европа во голема мера ги избегна масовните немири со одржување рамнотежа помеѓу потребата за заштита на јавното здравје и зачувување на граѓанските слободи. Францускиот политиколог Раул Магни-Бертон, кој ги проучувал ковид-ограничувањата наметнати во околу 40 европски земји, рече дека Франција и земјите од Источна Европа имаат најстроги ограничувања.

Неговото истражување покажа дека граѓанските слободи најмногу ги почитуваат најстарите демократии, како Британија и Швајцарија. Ограничувањата, исто така, се покажаа како поблаги во земјите со коалициски влади, како што е Холандија, или каде што моќта ја делат централната влада и регионите како што е сојузната Германија.

- Со колку луѓе треба да преговарате? Тоа е вистинското прашање - рече Магни-Бертон.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот