X
 11.01.2024 Образование

Ги запознаваме најдобрите студенти на УКЛО: Христина Нунеска од Економски факултет - Прилеп

Во новиот серијал на УКЛО ги запознаваме најдобрите студенти. Серијалот го започнуваме со Христина Нунеска од Економскиот факултет во Прилеп, која ја доби наградата за најдобар студент.

Зошто одбра да студираш на УКЛО? Зошто е добро да се студира дома?


- Студирањето дома ги отвора вратите на директна комуникација со бизнис-секторот. УКЛО е во комуникација со водечките компании од бизнис-секторот кои го препознаваат потенцијалот во студентите и вложуваат во нив преку различни стипендии, за по дипломирањето да станат и дел од нивните вработени на различни позиции. Секако, тука не би ја изоставила и паралелата на учење и работа, посетување различни семинари, обуки, натпревари, волонтирање во различни организации надвор од факултетот.

Што значи за тебе наградата најдобар студент?

- Наградата за најдобар студент за мене претставува континуитет на претходно двете добиени титули за најдобар ученик во средно и основно образование. Големо признание за мојот досегашен труд, упорност, многу непроспиени ноќи и голем мотив за идни амбиции и нови достигнувања.

1

Ги исполни ли УКЛО твоите очекувања? Кои моменти од студентските денови ќе останат во твоите сеќавања?


- УКЛО не само што ги исполни моите очекувања, туку и ги надмина. Ќе ја искористам оваа пригода да му се заблагодарам на раководството на УКЛО, деканот на Економски факултет – Прилеп и целокупниот наставен кадар за нивното вложување, упорност и професионалност. Во врска со студентските денови, ние сме генерацијата која беше зафатена од ковид-19, со што немавме многу можности за дружење во холот на факултетот. Моментите од првиот и осмиот семестар со физичко присуство, студентските забави и дружењата со колегите од ФСС ќе останат драг спомен.

Каде се гледаш по пет години?

- Ова е едно од најтешките прашања што ги добивам овој период. Студент сум на втор циклус студии на Економски факултет во Прилеп, насока Сметководство и ревизија, демонстратор на Економски факултет - Прилеп од областа на Сметководство, финансии и ревизија, како и AR-Specialist во Taskforce. Успевам да ги балансирам сите ангажмани, но сепак ќе оставам на времето, сами да си течат активностите.

Твојата порака до сегашните и идните студенти на УКЛО?

- УКЛО е едно големо семејство кое секогаш се труди да им покаже и докаже на своите студенти дека се грижи за нив и им го овозможува најдоброто. Ги поттикнувам сите ученици да станат дел од ова големо семејство и да се вклучуваат во сите активности преку Факултетските студентски собранија и Универзитетското студентско собрание.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование