X
 11.02.2022 Живот

Животот на Чанг и Енг, првите сијамски близнаци кои останале споени до крајот на животот

Чанг и Енг, родени на 11 мај 1811 година во Сијам - денешен Тајланд, биле близнаци споени на левата и десната страна на градите, кои стекнале светска слава поради нивните анатомски аномалии. Како резултат на нивната слава, терминот сијамски близнак почнал да се користи за сите близнаци на кои им е споен некој дел од телото.

Чанг и Енг биле споени со тубуларно ткиво долго околу 8 cм и дијаметар од околу 3,8 см. Нивната мајка била половина Кинескиња, а нивниот татко Кинез. Нивната анатомска особеност ги направила популарни како деца, па дури имале и средба со кралот на Сијам. Во 1829 година Чанг и Енг биле „изнајмени“ од британски трговец. Тие го напуштиле Сијам и во текот на следната деценија патувале низ САД, Канада, Куба и Европа.

До 21 година патувале со својот спонзор, кој заработувал така што практично ги „изложувал“. Потоа почнале сами да организираат турнеи и се стекнале со вистинско мало богатство. Тие патувале и со циркус и настапувале под името „Сијамски близнаци“.

bliznaci
Фото: Wikipedia

Се преселиле во Маунт Ер во Северна Каролина, станале американски државјани, купиле фарма и почнале да се занимаваат со земјоделство. Станале Американци, земајќи го презимето Бункер, а во април 1843 година се венчале со две сестри, Аделаида и Сара Јејтс.

Чанг и Енг одржувале посебни домаќинства на растојание од 2,5 километри. Наизменично ги посетувале своите сопруги во тридневни посети, а секој близнак имал по неколку деца. Во текот на американската граѓанска војна изгубиле голем дел од своите пари, а во 1869 година повторно заминале на турнеја низ Европа.

Потоа Чанг почнал да пие. Во 1870 година, додека се враќале во САД по успешна турнеја, Чанг имал мозочен удар. Четири години подоцна починале, Чанг околу три часа пред Енг. Обдукцијата покажала дека и црниот дроб на браќата бил споен.

bliznaci
Браќата со своите сопруги и деца/Фото: Wikipedia

Откако првпат стигнале во САД, лекарите предложиле Чанг и Енг да бидат хируршки разделени. Но, грижите и сомнежите околу безбедноста на операцијата ги навеле да ја одбијат операцијата. Тие биле одлични стрелци, а можеле да трчат и да пливаат и функционирале одлично како тим.

Извор: Nationalgeopgrahic.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот