X
 11.02.2024 Наука

Зошто боровинките се сини?

Тајната на нијансата на боровинките е во структурата на нивниот восочен слој.

Восочните облоги на плодовите со сина боја, како што се боровинките (Vaccinium corymbosum), грозјето (Vitis vinifera) и некои сливи, содржат наноструктури кои расфрлаат сина и ултравиолетова светлина, објавија истражувачите. Тоа прави овие плодови да им изгледаат сини на луѓето.

Сината боја не е вообичаена боја во природата. И додека постојат некои познати сини плодови, малку од нив содржат пигменти во таа нијанса. Боровинките, на пример, содржат голема количина антоцијанин, пигмент  што на секоја сфера треба да ѝ даде темноцрвена боја.

Но, структурите во восочните надворешни слоеви на плодовите можат да создадат свое „синило“. Смислувањето начини да се имитира облогата што ја формира бојата на боровинките може еден ден да обезбеди нов начин преку кој на пластиката или шминката ќе им се даде сина нијанса. 

- Користењето на овој вид боење е кул бидејќи не остава дамки - изјави Рокс Мидлтон, физичар од Универзитетот во Бристол во Англија и Универзитетот за технологија во Дрезден, Германија.

За подобро да разберат што е посебно во восочните облоги на бобинките, Мидлтон и колегите анализирале различни овошја под електронски микроскоп. Добиените слики покажале ситни молекуларни структури. Дополнителни оптички експерименти откриле дека сите структури расфрлаат сина и УВ-светлина.

- Кога ќе ја истриете надворешната страна на боровинката и ќе го отстраните овој надворешен восочен слој,тогаш можете да видите дека внатре е целосно темна - вели Мидлтон.

Тимот успеал повторно да го создаде овој ефект во лабораторија. Восокот од грозјето Орегон (Mahonia aquifolium) станал транспарентен кога го раствориле со хлороформ. Кога восокот се рекристализирал откако бил нанесен на црна карта, слојот ја вратил својата сина нијанса.

Извор: Science news

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука