X
 11.03.2022 Наука

Откриена варијанта што ги комбинира делта и омикрон

Хибридни верзии на коронавирусот кои комбинираат гени од варијантите делта и омикрон, наречени делтакрон, се идентификувани кај најмалку 17 пациенти во САД и во Европа, велат истражувачите.
 
Бидејќи има толку малку потврдени случаи, прерано е да се знае дали инфекциите со делтакрон ќе бидат многу преносливи или ќе предизвикаат тешка болест, рече Филип Колсон, главен автор на извештајот објавен во вторникот на „медРексив“.

Неговиот тим опиша тројца пациенти во Франција заразени со верзија на САРС-КоВ-2 што го комбинира шилестиот протеин од варијантата омикрон со „телото“ на варијантата делта. Други две неповрзани инфекции со делтакрон се идентификувани во САД, според необјавен извештај на компанијата за генетичко истражување „Хеликс“. На огласните табли за истражување вируси, други тимови пријавиле дополнителни 12 инфекции со делтакрон во Европа од јануари - сите со шилест протеин од омикрон и тело од делта.

Познато е дека генските рекомбинации на човечки коронавирус се случуваат кога две варијанти инфицираат иста клетка домаќин.

- За време на пандемијата две или повеќе варијанти циркулираа во исти временски периоди и во исти географски области... Ова создаде можности за рекомбинација помеѓу овие две варијанти - рече Колсон, додавајќи дека неговиот тим дизајнирал ПЦР-тест кој може брзо да тестира позитивни примероци за присуство на овој вирус.

Кучињата можат да го намирисаат коронавирусот со голема точност


Новото истражување додава докази дека тренираните кучиња би можеле да помогнат во проверка на толпата за да се идентификуваат луѓето заразени со коронавирус.

Во два скрининг-центри во заедницата во Париз, 335 волонтери што одеа на традиционални ПЦР-тестови, исто така, обезбедија примероци од пот. Севкупно, 78 лица со симптоми и 31 лице без симптоми биле позитивни на ПЦР-тестирањето. Со оглед на мирисот на примероците од пот, кучињата биле 97 отсто прецизни во откривањето на заразените пациенти и 100 отсто точни во откривањето инфекција кај асимптоматските пациенти, според извештајот објавен во вторникот во истото списание. Тие, исто така, беа 91 отсто точни во идентификувањето волонтери кои не биле заразени и 94 отсто точни во исклучувањето на инфекцијата кај луѓе без симптоми.

doktor
Фото: Freepik

- Тестирањето со куче е неинвазивно и дава непосредни и сигурни резултати. Понатамошните студии ќе бидат фокусирани на директно душкање од кучиња за да се проценат кучињата трагачи за масовно преттестирање на аеродроми, пристаништа, железнички станици, културни активности или спортски настани - велат авторите.

Идните варијанти на загриженост веројатно демнат кај пациентите денес


Многуте честички на коронавирус во заразено лице веројатно вклучуваат некои мутирани што може да се покажат како рани примери на важни варијанти, посочуваат новите наоди.

Внимателно анализирајќи ги честичките на вирусот добиени од 10 луѓе со инфекции кои се припишуваат на варијантата алфа во Шпанија во април 2021 година, истражувачите идентификуваа некои мутирани честички слични на варијантата омикрон, која формално беше идентификувана дури седум месеци подоцна. Тие, исто така, открија мутации карактеристични за форма на делта и јота, според извештајот објавен во вторникот во „Журнал оф клиникал инвестигејшн“. Иако идентификувањето на доминантната варијанта кај еден пациент може да биде доволно за дијагностички цели, ултрадлабокото генско секвенционирање што се користи во оваа студија би можело да им помогне на научниците да ги следат мутациите во честичките САРС-КоВ-2 што може да еволуираат во варијанти за загриженост, велат истражувачите.

- Вирусот што се реплицира кај секој заразен пациент е во реалноста мешавина од малку различни вируси САРС-КоВ-2, а овие различни вируси претставуваат различни пропорции од целосниот „ансамбл“ - вели коавторката Селија Пералес од Универзидад автонома де Мадрид. Малцинските варијанти кај една заразена индивидуа може да станат доминантни кај некој друг, или случајно, или поради селективна предност поврзана со присуството или отсуството на лекови, вакцини или други фактори, рече таа.

Извор: Reuters.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука