X
 11.03.2022 Наша тема

Ставот кон вакцинацијата ги отсликува здравствената едукација на населението и здравствениот систем на државата, вели проф. Александра Грозданова

Гледаме дека со зголемување на бројот на вакцинирани се намалува бројот на сериозно болни лица и бројот на смртни случаи е многу мал. На ваков начин болеста добива друг тек, станува како респираторно вирусно заболување, вели Александра Грозданова, национален координатор за имунизација на Македонија.

За вакцините против ковид-19, за заблудите околу нивната ефективност, како и за тоа кои се предностите на профилаксата во однос на болеста за Факултети.мк зборува проф. Александра Грозданова, национален координатор за имунизација на земјава.

Последните информации се дека расте бројот на вакцинирани со трета доза, за кого е препорачана бустер-дозата и кои групи граѓани досега ја примиле?

- Трендот на вакцинирани со трета доза се зголемува бидејќи веќе се потврди дека по одреден временски период од 4 до 6 месеци ефикасноста на која било вакцина, вклучително и на „Фајзер“, се намалува. Тоа се увиде при појавата на делта-варијантата летото 2021 кога повеќе држави во светот, како Велика Британија, САД и Израел, први препорачуваа трета доза за своите граѓани. Откако се направија студиите за ефективност на вакцините кај широката популација, се увиде дека опаѓа ефективноста на сите вакцини, па и на најдобрите, односно за оние за кои имаше податок дека даваат најголема заштита, а тоа се вакцините на Фајзер, Модерна, Астра зенека, така што веќе по шестиот месец имунитетот природно почнува да слабее. Тоа се гледаше преку намалување на нивото на заштитните антитела. Токму поради тоа, се јави и препораката за трета доза. Оваа препорака првенствено беше наменета за поранливата група, и тоа за хронично болните лица, постарите пациенти, луѓето со други коморбидитети, имунокомпромитираните лица, што ја потврди и нашата Национална комисија за имунизација.

Зошто не беа доволни две дози од вакцината за да се создаде имунитет кон коронавирусот?

- Клиничките студии преку кои се следеа ефикасноста и безбедноста на вакцините против ковид-19 дадоа податоци дека 2 дози од овие вакцини ќе бидат доволни за солидна заштита. И тоа го потврдија сите производители на вакцини, и така се примаа сите вакцини, и оние на Фајзер и Спутник и Астра занека, вклучително и кинеските вакцини. Кога почнаа да се даваат вакцините, не можеше да се претпостави дали ќе има нови соеви. За новите варијанти вакцините не обезбедуваат иста заштита како кон оригиналниот сој. Тоа е првата причина зошто не се доволни две дози. Втората причина е тоа што пандемијата сѐ уште трае и вирусот сѐ уште е активен. Доколку имаше извонредно масовна вакцинација на светско ниво, пандемијата ќе траеше пократко, вирусот немаше каде да мутира и немаше да зафаќа нови невакцинирани групи. Првото правило за сузбивање пандемија е во краток временски период да се направи масовна имунизација за да се остави што помалку време и помалку простор вирусот да циркулира, да се шири, а со тоа и да мутира. За жал, ние не го видовме тоа. Дури и во светски рамки.
Кога се прави во подолг временски период, вакцинацијата доведува до појава на нови соеви, како и оставањето одредени категории лица невакцинирани, како на почетокот што беа оставени младите. Тоа и природно доведува самиот вирус да наоѓа нови таргети, нови групи на лица и притоа мутира. Оттука и потребата за трета доза.



Зошто толку долго трае вакцинацијата кај нас?

- Во динамиката на вакцинацијата поминавме различни фази. На почетокот беше страшниот притисок што немавме вакцини долго време, притисокот од здравствената фела, од широката јавност, потоа се правеа огромни притисоци кој побрзо да биде вакциниран, која група на пациенти и граѓани да биде приоритетна. Луѓето тогаш имаа огромна желба да се вакцинираат, а ние имавме ограничен број вакцини.
Опфатот со вакцинација против ковид-19 е сличен во целиот регион, во Србија, Албанија и Косово е приближно ист, 43-47 %. Србија, на пример, имаше вакцини цело време, буквално луѓето можеа да одбираат со која вакцина да се вакцинираат и таму е истиот процент од околу 45 % вакцинирани, со сите мерки за поттикнување што ги имаа. Многу послаб е опфатот во Бугарија, кој не ни до 40 %, додека Грција е со најголем процент на вакцинирано население од 76 %, а толкав опфат од над 75 % има во просек во цела Европска Унија. Оттука е јасно дека укинувањето на рестриктивните мерки, тестирања и слично што веќе дел од земјите го направија директно зависи од тоа колку од населението е вакцинирано. Колку побрзо и повеќе се вакцинираме, толку побрзо ќе се врати нормалниот живот. Вакцинацијата, всушност, ја отсликува здравствената едукација на населението и здравствениот систем на една држава.
Голем дел од нашето население има скепса кон вакцините бидејќи беа со одобрение за итна употреба и има скепса за долгорочните ефекти од нив. Но тие дилеми времето ги поби бидејќи не се видоа сериозни несакани ефекти од вакцините, младите жени што се вакцинираа нормално забременија, бремени жени без проблем ги примија вакцините, сето она што беше предмет на многу скепса. Сите вакцини што се дадени кај нас се безбедни. Од податоците за пријавени несакани реакции од вакцините со кои излезе Агенцијата за лекови се виде дека станува збор за многу малку вакви пријави во однос на дадените вакцини и овие податоци корелираат и со податоците на светско ниво.

Колку од прележаните луѓе во земјава се вакцинирани, а колку од вакцинираните потоа ја прележале болеста?

- Очекувавме дека вакцините ќе дадат подолготраен имунитет, но се покажа дека овој вирус е непредвидлив и во однос на создавањето на имунитетот со вакцините. Можеби и новите соеви го овозможија тоа. Оттука и препораката дека е многу подобро да примите вакцина бидејќи точно знаевме кои може да бидат ефектите, за разлика од прележувањето на ковид кое секогаш носи висок ризик. Изложувањето на вирусот и прележувањето носат многу поголем ризик во однос на примањето на вакцината. Сега гледаме многу повеќе постковид-компликации по прележувањето или пролонгиран ковид, дури и по една година нарушување на целокупното здравје, а воопшто не гледаме долгорочни несакани ефекти од вакцините. Тоа е огромната разлика што мора да се потенцира. Факт е дека и одредени сознанија за самиот вирус и за самото заболување се разјаснуваа во текот на оваа пандемија и затоа менувањето на препораките од СЗО и од другите здравствени авторитети не треба да биде осудувано. Целата светска научна јавност немаше веднаш одговори на некои прашања.



Како ќе ги убедите луѓето да се вакцинираат ако има држави каде што мнозинството е вакцинирано, некаде и со трета доза, а сепак има многу заболени?

- Луѓето што беа вакцинирани, а сепак развија потешка форма на ковид, за жал, некои и починаа, имаа и други заболувања и коморбидитети. Министерството за здравство сега испитува колку од вакцинираните што развија потешка форма на болеста имале други болести и кои, и каков бил текот на болеста.
Она што го гледаме во европските земји и во САД, Обединети Арапски Емирати, Австралија е дека со зголемување на бројот на вакцинацијата се намалува бројот на сериозно болни лица кои бараат хоспитализација и бројот на смртни случаи е многу мал. На ваков начин, преку заштита со вакцинација на најголем дел од популацијата, над 75 %, ковид како болест добива друг тек, како респираторно вирусно заболување. Оттука се сменија и препораките, се скрати периодот на изолација, се укинаа рестриктивните мерки и овие држави веќе комплетно нормално функционираат. Радикални мерки имаше во Кина, Австралија, Израел. Австралија одлучи да ја заштити земјата на страшен карантин, економијата трпеше, но тие први ќе се прогласат за земја слободна од ковид.

Дали овде одигра улога и несоработката на научниците од светот или, пак, трката на фармацевтските компании која прва ќе извади вакцина или лек за ковид-19?

- Очекувањата генерално беа дека пандемијата нема да трае подолго од шест месеци. Дополнително очекувањата од ковид-вакцината можеби беа преголеми, очекувавме со почетокот на вакцинацијата да заврши пандемијата, дека ова ќе биде некој момент кој се јавува кратко и дека ќе го смена. Да кажевте во февруари 2020 година дека две години ќе бидеме во пандемија, никој немаше да верува. А тоа значи дека не сме ги научиле лекциите од историјата, што го потврдија и сите меѓународни институции, дека светот не беше подготвен за ваков вид здравствена непогода или состојба.
Пред педесетина години не само што луѓето помалку патувале и побавно се ширело некое инфективно заболување, туку и функционирањето на државите и општествата беше на едно друго ниво. Тоа се случувало на овие простори од генерации што тоа го доживеале. Практикувањето на новиот облик на лична демократија можеби се користи на најнесоодветен начин. Како професор, како здравствен работник и како научник, би прашала дали избираме или дискутираме каква терапија или каква медицинска интервенција треба да се добие при одредено заболување. Најчесто не, напротив, со цел да бидеме излекувани или да се подобри одредена состојба, спремни сме и се согласуваме на сето она што современата медицина го вели, тогаш се почитуваат сите лекарските препораки и се прима и многу поагресивна терапија.



Кога е превентивата во прашање, на болеста се гледа од далечна, не ја чувствуваме, не веруваме дека ќе се јави, а дел се потпираат на тоа дека нема да заболат, или ако заболат, ќе поминат лесно. Тогаш не се прифаќа вакцината, не се верува во превентивата. Многу потоксични може да бидат лековите што мора да се примаат во текот на лекувањето на ковид бидејќи во дел се прима и доста агресивна терапија. И оваа терапија е со ограничена ефикасност, со целиот ризик на токсичноста и безбедноста, но сепак се прифаќа, за сметка на тоа не веруваме во ефикасноста и безбедноста на вакцините. Во психологијата на луѓето е да не стравуваат од нешто што не го гледаат и чувствуваат, како од инфективните болести. Тоа е психологија на прифаќање меѓу симптоматската терапија и профилакса кога треба да верувате во медицината однапред. Но историјата и на тоа многу нѐ има научено. Денес многу заболувања како дифтерија, тифус, полио се минато, не постојат, токму поради ефикасноста само на вакцините. Генерациите пред нас ги доживеале дел од овие заболувања, можеби затоа и постарата популација има поголема верба кон вакцинацијата.


Фото: приватна архива
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема