X
 12.08.2017 Култура

Пет бестселери што првично биле одбиени од издавачите

Патот до издавачите е трнлив, треба да се отворат многу врати, да се прескокнат многу ѕидови и постојат патишта што одново треба да се изодат, но сепак најважно е да не се отстапува.

Овие книги во повеќе наврати биле одбивани од страна на издавачите, за потоа да станат интернационални бестселери.

Можеби некому сценариото како директорите на повеќе издавачки куќи ја одбиваат Џ. К. Роулинг и нејзиниот роман за авантурите на момчето Хари Потер и натаму му изгледа неверојатно и апсурдно, но тоа навистина се случило.

По дванаесет одбивања, книгата добила „зелено светло“ за издавање откако осумгодишната Алис Њутон, ќерка на основачот на денес прочуената издавачка куќа „Блумсбери“, го замолила својот татко да ѝ овозможи да го дочита продолжението на книгата, затоа што Роулинг им ги испратила само првите две поглавја.

И тогаш имало тешкотии. Имено, експертите за маркетинг биле децидни во уверувањето дека книгата е наменета само за момчиња и ја убедиле писателката да се потпише со Џ. К. наместо Џоен. Исто така, ја посоветувале да си најде секојдневна работа за да не се потпира само на пишувањето.

Сите знаеме како заврши оваа сторија. Продадени се повеќе од 450 милиони примероци од книгата, снимени се осум блокбастери, низ цел свет постојат фан-клубови и може да се каже дека огромен број луѓе навистина уживаа во „книгата за момчиња“, без оглед на возраста и полот.

Голем дел и од великаните на светската книжевност доживеале слична судбина.

Џејмс Џојс, на пример, добил едноставно „не“ за својата збирка раскази „Даблинци“, исто како и Џек Керуак за своите патешествија кои подоцна станале модел за „роман за патувања“ (роудмуви).

Тука се уште и „Книга за џунглата“, која на Киплинг му донесе бесмртност, и романот „Кодот на Да Винчи“ на Ден Браун, кој и после две децении постојано се допечатува.

Во таа категорија спаѓа и „Големиот Гетсби“, книга која повеќепати е екранизирана, а авторот Скот Фицџералд се смета за култен писател на англосаксонската литература на 20 век.

Хорор-филмот на Стивен Кинг, „Кери“, го направи истоимениот роман интернационален хит и сè уште се смета за едно од најдобрите дела од жанрот хорор. Притоа треба да се има предвид дека доживеал повеќе екранизации. Романот „Кери“ се нашол во продажба во 1974 година, но неговиот пат до славата воопшто не бил лесен. Тоа бил неговиот четврти роман и на почетокот и самиот го отпишал. „Кери“ првично требало да биде кратка приказна, но после три напишани страници, Кинг ја фрлил во ѓубре. За среќа, неговата сопруга Табита ја спасила приказната и го натерала да ја прошири во роман. Но и тоа не бил крајот на маките на Кинг, затоа што дури 30 издавачи одбиле да го издадат романот. Еден од издавачите во своето образложение навел дека не се заинтересирани за научна фантастика која се испреплетува со негативни утопии, затоа што тоа воопшто не се продава.

Кога од „Даблдек паблишинг“ одлучиле да го издадат романот во тврд повез, Кинг бил воодушевен и ги искористил парите што ги добил однапред за да го пресели семејството од приколката каде што живееле, а си купил и нов автомобил. Но, среќата не траела долго затоа што биле продадени само 13.000 примероци од книгата. Потоа правата за меко издание наскоро им ги продал на „Сајн букс“, кои на Кинг му исплатиле 200.000 долари. Во првата година биле продадени повеќе од милион примероци, а Кинг во својата досегашна кариера продал повеќе од 350 милиони примероци од книгата.

Иако денес романот „Франкенштајн“ на Мери Шели се смета за вистинска класика, како на полето на книжевноста така и во жанрот хорор, неговиот пат до славата бил исполнет со препреки.

Мери Шели го завршила романот во 1817 година, но не успеала да го издаде цела година. Дури во март 1818 година група издавачи прифатиле да го издадат романот, под услов името на авторката да не се наоѓа на кориците. На почетокот приемот бил лош. Отпечатени биле 500 примероци, од кои се продале само 25. Дури 13 години подоцна, во 1831 година, романот добил внимание какво што заслужувал. Денес Франкенштајн, заедно со Дракула, се најпопуларните хорор-ликови во светот.

Романот „Лолита“ на Владимир Набоков се смета за еден од најпопуларните и најценетите романи на дваесеттиот век. Откако бил издаден во 1955 година, продадени се повеќе од 50 милиони примероци, со што се најде на списокот со најпродаваните наслови на сите времиња.

Но издавачите на почетокот се плашеле од можните правни последици и јавна осуда. Еден од нив, кога му се обратил на Набоков, во своето писмо напишал: „Содржината ќе му се чини одвратна дури и на најпосветениот фројдовец. На публиката ќе ѝ биде гнасен и нема да се продава, а ќе ѝ нанесе штета и на вашата растечка популарност. Сметам дека овој ракопис  треба да се закопа под некоја карпа и да се остави таму барем илјада години“.

Откако сите големи издавачки куќи го одбиле, Набоков отпатувал во Франција каде што потпишал договор со издавачот „Олимпија прес“ да отпечати само 500 примероци. Во годините што следувале, „Лолита“ ја објавиле сите издавачки куќи кои по првото читање ја одбиле.

Орвеловата „Животинска фарма“ веќе одамна се смета за едно од најпознатите дела на светската книжевност, но издавачката историја на оваа книга дефинитивно е една од најконтроверзните.

Најпрво издавачите одбивале да ја печатат плашејќи се дека можат да ги дестабилизираат односите меѓу Британија, САД и СССР, а Томас Стернс Елиот го одбил ова дело на Орвел поради неговата наводна „троцкистичка политика“, иако според неговите зборови, истото било добро напишано.

Орвел накратко се израдувал кога Џонатан Кејп прифатил да го објави романот, но подоцна сепак морал да го одбие и тоа по предлог од британскиот министер за информирање.

Интересно е дека подоцна било обелоденето дека истиот министер бил советски шпион.

Дури по неколку месеци од завршувањето на Втората светска војна издавачот „Секер енд  Варбург“ одлучил да го објави овој, сега веќе култен, антиутописки роман.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура