X
 12.08.2021 Живот

Кои административци ќе можат да добијат додаток на плата и колкав би бил тој?

Владата соопшти дека на 95. седница одржана на 5 август 2021 година донела Уредба за начинот и критериумите врз основа на кои може да се исплати додаток на плата до максимум 30% од редовната плата за дел од вработените од централните институции на извршната власт. Оттаму додаваат дека измените и дополнувањето на Законот за извршување на Буџетот за 2021 година стапиле на сила на 5 август и затоа тогаш се донела Уредбата. Законот влегол во собраниска процедура на 8 јуни, но бил изгласан на 28 јули 2021 година.

-Согласно уредбата, правото на додаток на плата до 30% од редовната плата можат да го остварат вработените заради специфичност на работите и работните задачи и зголемен обем на работа, како и постигнување на исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес и ефикасното извршување на своите надлежности. Додаток на плата можат да добијат најмногу 30% од вкупниот број вработени во институцијата, при што исплатата нема да биде за оние вработени кои имаат право на додаток на плата со посебен закон и/или колективен договор - се наведува во соопштението.

Од Владата тврдат дека предметната уредба нема да предизвика дополнителни фискални импликации затоа што, како што наведуваат, додатоците на плата за вработените ќе бидат утврдени согласно тековните буџетски можности.

-Со измените и дополнувањата на Законот за извршување на Буџетот за 2021 година е регулирано дека додатокот на плата ќе се исплаќа доколку во Буџетот има обезбедено средства за оваа намена. Исто така, во самата уредба е наведено дека додатокот на плата може да се исплаќа и во помал износ од 30%, во зависност од обезбедените средства во буџетскиот корисник. Тоа значи дека исплатата на додатокот на плата и неговата висина е во зависност од фискалниот простор и слободните средства кои му стојат на располагање на буџетскиот корисник - стои во соопштението.

Од Владата нагласуваат дека до овој момент не е извршена никаква исплата согласно уредбата, со оглед на тоа што се распишани локалните избори. Исплатата на додатокот на плата ќе се реализира по завршувањето на локалните избори кога и ќе се финализира кои лица ќе добијат додаток на плата, се заклучува во соопштението.

Фото: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот