X
 13.04.2018 Забава

Македонци од креирање игри заработиле милион долари

Може да се пофалиме со три големи и успешни кампањи, со десетилјадни тиражи и илјадници поддржувачи на Kickstarter. Секоја наредна игра е поуспешна од претходната – вели Ивана Крстевска, косопственик и дизајнер во студиото за дизајн и продукција на друштвени игри Final Frontier Games

Robin and the Merry Men е најновата друштвена игра за која македонската компанија Final Frontier Games доби одлична поддршка на најголемата платформа за финансирање креативни проекти, Kickstarter. Дури 6.762 луѓе ја поддржале со вкупна сума од 537.093 долари. Тимот на Final Frontier Games го живее својот сон. Нивните игри на табли (board games) се рамо до рамо со големите светски издавачи и креатори на игри. Почнаа со Cavern Tavern, за која со помош на 1.973 луѓе обезбедија 107.966 долари за да ја реализираат, а Rise to Nobility ја утрои оваа сума.

Разговаравме со Ивана Крстевска, косопственик и дизајнер во студио за дизајн и продукција на друштвени игри во Final Frontier Games.

Final Frontier Games е многу успешна приказна. Сонувавте ли кога ја основавте дека ќе постигне таков успех за кратко време?

- Кога решивме дека сакаме да работиме со дизајнирање и издавање игри, знаевме дека сакаме да го придобиеме и да се пробиеме на меѓународниот пазар. Искрено, мислевме дека тоа ќе биде многу потешко, многу побавно и во прв момент беше речиси нереално. Сепак, на крај напорната работа ни се исплати и среќни сме што нашите игри ги сакаат сѐ повеќе луѓе.




Како се роди Final Frontier Games?

- Често слушаме одговори од типот „сѐ се случи многу случајно...“ Кај нас не беше таков случајот. Секој од нас поединечно е голем љубител на друштвени игри и по многу изиграни почнавме да ги сфаќаме начините како се создадени, им се восхитувавме на идеите и дизајните, но почнавме да наоѓаме грешки и недостатоци. Во еден момент заклучивме дека можеме и ние да создаваме. За да ги истестираме нашите способности, ја издадовме играта за возрасни „Пијопол“, која беше наменета само за македонски пазар. Играта доживеа навистина голем успех, но го истроши својот капацитет, пред сѐ поради тоа што македонскиот пазар за друштвени игри е многу мал. Во меѓувреме, интензивно работевме на создавањето на Cavern Tavern, нашата прва игра за меѓународен пазар. Денес може да се пофалиме со три големи и успешни кампањи, со десетилјадни тиражи и илјадници поддржувачи. Секоја наредна игра е поуспешна од претходната. А зад студиото за дизајн и продукција на друштвени игри Final Frontier Games стојат четворица млади македонски дизајнери, Војкан, Тони, Ивана и Маја.


Од Вашето искуство досега, има ли рецепт за успешна игра? Се менуваат ли желбите на играчите?

- Не постои генерален рецепт, постојат состојки кои се основни и такви што треба да се додаваат и комбинираат. Секогаш е најважно играта да има цврста тема, да изгледа убаво и, секако, да биде интересна за играње. Многу фактори се земаат предвид кога се создава една игра: дали елементите ќе им бидат интересни на играчите, кои теми им се допаѓаат, на кој начин ќе се играат и многу други. Не постои еден генерален правец, исто како и во музиката, исто како и во филмот. Потребна е голема креативност. Во секој проект го даваме максимумот од својата креативност и енергија, секогаш сме 200 отсто посветени. И во оваа индустрија постојат трендови кои мора да се следат и значајно е секогаш да бидеш поинаков од претходниот пат. Потребите и желбите на играчите постојано се менуваат и често брзо се заситуваат. Но за да бидеш креатор на игри, пред сѐ, треба да бидеш играч. Нашите игри се навистина комплексни.

На Kickstarter направивте бум и заработивте одлична сума пари. Да им објасниме на читателите како може да се стигне на Kickstarter и кои се други слични платформи?


- Првото нешто што секаде го кажуваме е следното: работењето преку Kickstarter е исто како и секоја друга работа, секој друг бизнис. Мора да се работи напорно и квалитетно. Како што секој производ има своја конкуренција, така е и во овој случај. Можам слободно да кажам дека таа конкуренција станува сѐ посилна од месец на месец. Многу често настанува судир со големи издавачи и моќни игри.
За жал, Kickstarter не е достапен за македонски издавачи, односно државјанин на Македонија не може да биде носител на проект на Kickstarter. Секако, постојат начини да се стигне, не е толку недостижно. За среќа, постојат фирми/агенции кои се ангажираат како посредници. За македонски државјани достапни се многу други платформи, како Indiegogo, GoFundMe, CrowdRise, зависно од типот на проект. Морам да истакнам дека за разлика од издавачите во светот и генерално интернационалните бизниси, нам работењето ни е малку потешко. Ние сме на некој начин лишени и од користење одредени платформи за плаќање, како PayPal и Stripe, кои овозможуваат сигурен и брз трансфер на пари и кои во светот сѐ повеќе се користат при бизнис-плаќањата.


Создавањето игри за странски пазар е една од подобрите гранки на креативата во Македонија. Се носиме ли рамо до рамо со светот?

- Македонија има премногу таленти и креативци. Нас никој не нѐ прашува од каде доаѓаме пред да ни ги купат игрите, ниту пак им е важно. Светот го гледа квалитетот, а не потеклото. Во оваа индустрија доаѓаат дизајнери и издавачи од секаде од светот и за сите има еднакво место. Ние како тим се обидуваме секогаш да користиме што е можно повеќе ресурси од тука отколку од странство. Најголема соработка имаме со Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, кој е заслужен за илустрациите и целокупниот арт во нашите игри. И да, гордо можеме да се носиме рамо до рамо со светот.


Ивана Крстевска, косопственик на Final Frontier Games

Што е следно од вас? На што сте фокусирани периодов?

- Во моментов ја привршуваме третата наша игра Robin Hood and The Mеrry Men, чија кампања заврши пред десетина дена, а која го постави нашиот нов рекорд. Почнуваме да работиме на уште неколку нови проекти, а тоа значи и нови Kickstarter-кампањи, дел повторно ќе бидат игри, дел нешто поинакво. Се работи на продолженија на првата игра Cavern Tavern и на втората Rise to Nobility. Започнуваме и со подготовка за големиот саем за друштвени игри во Есен, Германија, во октомври, каде што ќе ги изложуваме нашите игри.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Забава