X
 13.06.2018 Наука

Вирусите ќе ги заменат антибиотиците?

Од нивното создавање на почетокот на 20 век, антибиотиците го сменија светот, но на нивната полезност можеби ѝ се ближи крајот. Бактериите стануваат отпорни на повеќето антибиотици, правејќи ги сè побескорисни во борбата против болестите. Нова студија дава надеж дека научниците можат да најдат ефикасна замена за антибиотиците: вирусите.

Често за вирусите мислиме како за смртоносни патогени, но повеќето од нив не се штетни за нас. Најголемите жртви на светските вируси се бактериите и вирусите чија мета се само бактериите наречени бактериофаги. Поради тоа што бактериофагите ги напаѓаат само бактериите, тие не се закана за нас, што ги прави идеални за борба со инфекциите.

Група истражувачи извршија клиничко испитување за да утврдат колку бактериофагите се ефикасни во борбата со вирусите и дали тие предизвикуваат некакви несакани ефекти кај пациентите. Истражувачите утврдија, како што и се очекуваше, дека бактериофагите ја завршиле својата работа кога станува збор за уништување на инфекцијата.

Што е поважно, бактериофагите не предизвикале несакани ефекти кои вообичаено се предизвикани од антбиотиците, како што е ослабнат имунолошки систем или гастроинтестинални проблеми. Тоа е така затоа што бактериофагите напаѓаат само еден специфичен тип на бактерии, за разлика од антибиотиците кои се штетни за сите бактерии еднакво.

Фото: Popular Mechanics

Овој факт значи дека лекувањето на бактериските инфекции со специјализирани вируси може да е подобро од нивното третирање со антибиотици. Пациент инфициран со одредена бактерија може да прими инјекција со соодветен бактериофаг, кој би го елиминирал штетниот вид без да го растури деликатниот баланс на микробиомот.

Едно клиничко испитување не значи дека бактериофагите наскоро ќе се појават низ аптеките, но овозможува одлучувачки моментум за понатамошни истражувања. Нам ни истекува времето за изнаоѓање алтернатива за антибиотиците, а овие бактериофаги може да понудат решение.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука