X
 13.07.2018 Живот

Мапата што го изнервира Трамп

НАТО-самитот почна прилично лошо.

Доналд Трамп, кој на неколку наврати го критикуваше овој меѓународен сојуз, никогаш не ги криел неговите грижи - главно дека голем дел од државите не работат како што треба.

Меѓутоа, Германија е таа што го изнервира најмногу, како што може да се забележи од неговата лута „епизода“ со канцеларката Меркел.

Постојат две клучни причини поради тоа. Една од нив е верувањето на Трамп дека САД трошат многу повеќе за поддршка на НАТО во споредба со другите членки.

мапа
Фото: News Corp Aurstralia


Другата причина е изградбата на гигантскиот гасовод помеѓу Русија и Германија.

- Многу земји не го плаќаат она што треба да го плаќаат. И искрено, многу земји ни должат огромна сума пари за многу години наназад, затоа што САД мораа да платат за нив - изјави американскиот претседател на дводневниот самит на НАТО при средбата со генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг.

Тој рече дека проблемот трае со децении, но дека тој ќе биде првиот претседател што ќе го „стави на маса“.

Дали Трамп е во право?


Ова е вистина. Што треба да плаќаат земјите? Иако не може ни грубо да се пресмета, постои голема разлика помеѓу бруто-домашниот производ на секоја земја.

Наместо тоа, може да се прикаже во проценти. Сегашното упатство на НАТО за секоја земја е да потроши најмалку 2 отсто од нејзиниот вкупен БДП.

Само четири земји, Америка, Британија, Естонија и Грција, ја надминуваат препорачаната цел, а САД трошат над 3,5 отсто.

Неколку земји, меѓу кои Полска, Латвија и Франција, се близу до целта, додека други - особено Луксембург, Белгија, Шпанија и Словенија, придонесуваат со помалку од 1 отсто.

- Сојузниците на НАТО ни должат огромна сума пари - изјави Трамп.

Ова не е вистина. И покрај недостатоците на земјите, тие немаат долг кон САД или НАТО. Аргументот на Трамп овде е дека американската војска отсекогаш морала да троши повеќе за компензација на земјите што трошат помалку. Но да се сугерира дека Америка треба да добие пари од другите земји затоа што го пополнувала јазот во текот на претходните години е смешно. Така не функционира алијансата.

- Ја штитиме Германија, ја штитиме Франција. Ги штитиме сите. А сепак плаќаме многу пари за да штитиме.

Донекаде е вистина. САД трошат повеќе пари од нивните сојузници во одбрана.

Но да се сугерира дека САД даваат пари без ништо за возврат е грешка. Партнерите на НАТО тврдат дека Америка ја зголемува глобалната безбедност од своите трошоци. Трамп не признава дека од НАТО-сојузниците се очекува да ја бранат Америка ако е загрозена.

tramp
Фото: АР


За каква мапа станува збор?

Берлин одобри и започна да гради гасовод долг 1.300 километри под Балтичкото Море, што ќе се протега помеѓу Германија и Русија.

Германија зависи од Русија за гас, што служи како најголемиот извозен пазар на Русите, а овој нов проект, кој се очекува да заврши до 2020 година, ќе го удвои овој ризик.

Гасоводот го гради „Газпром“, енергетски гигант во сопственост на руската влада. Трамп стравува дека со ова на Москва ќе ѝ се зголеми влијанието врз Берлин.

Дали може Западна Европа да ѝ верува на Русија? Дури и да не може, дали влегувањето во „врска“ со Москва е добар или ризичен стратешки потег? Дали работењето со руската влада на толку голем проект претставува преголем безбедносен ризик? Дали овој проект ќе предизвика конфликт меѓу Германија и другите западни земји?

Ова се некои од големите прашања, така што Трамп не е среќен што канцеларката Меркел продолжува со изградбата.

Ова нѐ води назад кон трошењето на Германија во НАТО.

- Треба да се штитиме против Русија, а Германија ѝ плаќа милијарди и милијарди долари годишно - изјави Трамп.

Што би предизвикало сето ова?

Иако е прерано да се каже, постои шанса организацијата да се распадне ако САД одлучат да заминат.

Ова може да ја загрози безбедноста на западните држави, а да не зборуваме за создавање радикална промена во светската глобална поставеност.

Постојат многу докази кои сугерираат дека авторитарните држави како Русија и понатаму се обидуваат да го поткопаат единството на западните нации, а најголемата желба на Москва е да ги подели Америка и западните земји.

Дури и американската морнарица го наведе своето противење на ставот на Трамп, изразувајќи поддршка за улогата на Америка во организацијата.

Истовремено, експертите тврдат дека организацијата му дозволува на Западот да одржува обединето глобално присуство и да ја зачува слободата на морињата, што е добро за глобалната безбедност.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот