X
 14.02.2024 Наука

Зошто птиците имаат слаби нозе?

Птица во лет е поезија, птица на земја претставува загатка. Кога гледате како врапче или друга песнопојна птица се движи и гребе по земјата, сигурно се прашувате: како овие птици ја издржуваат својата тежина на толку слаби и мали нозе?

- Првата причина зошто нозете на птиците изгледаат неверојатно тенки е тоа што остатокот од нивното тело е претежно покриен со пердуви, што може драматично да ја зголеми нивната привидна големина - вели палеонтологот Џулија Кларк, која ја проучува еволуцијата на птиците.

Таа објаснува дека бедрата на птиците се сместени под нивните пердуви, а повеќето птици имаат лушпести потколеници, што ги прави екстремитетите да изгледаат мали и голи. Се чини дека птиците кои имаат пердуви до прстите - како што е бувот и некои домашни кокошки - имаат подебели потколеници од нивните голоножни братучеди.

Но, тоа не е само визуелна илузија: нозете на птицата се разликуваат од нозете на другите  животни. Птиците потекнуваат од теропод диносауруси, група двоножни животни кои се разликувале по големина. Некои биле мали како денешните врапчиња, додека други биле огромни, како што е тираносаурус рекс. Додека повеќето цицачи кои можат да одат на две нозе - како што се мечките, шимпанзата и луѓето - стојат на петиците, диносаурусите оделе на прстите и предниот дел од стапалото. Птиците задржале некои од овие карактеристики. Меѓутоа, како што сè повеќе летале, развиле и некои други особини.

Зошто се случила оваа промена?

Одржувањето рамнотежа кај оние што одат на две нозе е прилично тешка работа, како што може да потврди секој што гледа младо дете кога проодува. Без силен центар на тежина поддржан од робусни нозе, секое животно со две нозе има ризик да падне. Двоножните диносауруси останале на нозе со тоа што ја распределувале тежината по долгите вратови и коскените опашки. Но, развојот на моќните мускули на градниот кош кај птиците го поместил нивниот центар на тежина кон предниот дел на телото. Со цел да се одржи рамнотежата, торзото на птиците се намалило. Нивните бедра се поместиле хоризонтално и се врзале за телото, со што практично станале дел од колкот. Коленото, пак, станало највисокиот подвижен дел од ногата.

Птиците развиле и други анатомски трикови. Со текот на времето, трите метатарзални коски пронајдени во стапалата на диносаурусите се трансформирале во една, споена коска кај птиците, која била и лесна и силна. Птиците развиле и мускулни промени, а повеќето од нивните мускули на нозете се споиле во бутот, кој е споен со торзото. Во меѓувреме, потколениците и стапалата се обвиени со супертенки тетиви, вели Кларк

Истиот систем на тетиви ги заклучува прстите на птицата при положба на висење, овозможувајќи им да спијат без да паднат. 

- Ниту едно друго животно го нема овој систем на тетиви - вели Кларк.

Се разбира, не сите птици имаат тенки нозе како стап. Птиците кои поминуваат многу време на земја сè уште имаат карактеристично тенки нозе. Птиците кои не летаат, како што се ноевите, имаат значително поголеми мускули на телето за да ја поднесат тежината.

Лесните птици-песнопојки се помалку зависни од одење. 

- Праведно е да се каже дека екстремитетите на птиците станале такви какви што се откако почнало летањето - вели Кларк.

Извор: Scientific American

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука