X
 28.04.2015 Образование

Меѓународното училиште "Нова" собра средства за помош на Заводот за ментално здравје "Младост"



Меѓународното училиште „Нова“ викендов организираше семеен базар и собра 3700 евра од кои дел ќе бидат наменети за Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“ – Здравствен дом Скопје. Преостанатите сретства ќе се искористат за активностите и проектите на учениците во „Нова“. Стотици луѓе ја посетија хуманитарната манифестација која годинава се одржа по деветти пат, а мотото на настанот беше „Еднакви можности за сите деца“.

На базарот учествуваа семејствата на учениците од меѓународното училиште „Нова“, нивни гости, припадници на бизнис-заедницата од Македонија, странски амбасадори и членови на дипломатскиот кор кои живеат и работат во земјава. Тие подготвуваа јадења, продаваа сувенири од своите матични држави и донираа подароци за лотаријата. На манифестацијата имаше и мини зоолошка градина, можеа да се купат книги на англиски јазик и да се погледнат музички и танцови точки на учениците од оваа образовна институција.



- Собраните средства секоја година ги наменуваме во хуманитарни цели, а дел ги користиме за активностите на нашето училиште. Минатата година дониравме за Домот за доенчиња во Битола, а овој пат ќе му помогнеме на Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“. Парите ќе се искористат за набавка на дидактички материјали и опрема неопходна за работа - изјави Катерина Златановска – Попова, лице за односи со јавност на „Нова“.

Хуманитарниот базар беше организиран од Здружението на родители и наставници при меѓународното училиште, со поддршка од учениците, родителите и професорите во оваа образовна институција.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование