X
 15.11.2015 Култура

Религија вс. Култура

Гледајќи ги Германците и некои Скандинавци како на точак ја возат Галичица, почнав да се сомневам во нашиот туризам. Доаѓаат од преку 2,000 километри за да возат точак, додека ние се точкаме на плажа и не мрдаме да не го изгубиме местото. Некои дури и ручаат со лубеници и праски на плажа, за потоа да бркаат оси по цел ден.



Станав утрото околу 10 и го испив кафето на тераса. Од апартман до селото има едно 40 минути пешки по угорница, а продавницата е на другиот крај од Љубаништа. Убаво е пешки, сакам пешки да одам, посебно во Љубаништа бидејќи ми враќа убави спомени. Спомени како средношколец кога стопиравме по Јадран, па 100 километри ги патувавме 20 саати. Не ни застана никој, преспавме на бура поред автопат ама ја вдишавме Динара како ретко кој друг. Како што велат оние од Зен, природата се восприма најмалку кога патуваш со кола, повеќе на мотор или точак, а сигурно највеќе со пешки.



“Светот е стеснет измеѓу трепките” би рекол Џони Штулиќ.

Одејќи од плажа до село, а Љубаништа не е било кое село од Македонски тип, каде од кал не можеш ни 5 метра да поминеш, се проаѓа покрај капини и викендици кои мамат да земеш кредит и да купиш парцела. Погоре се отвара Галичица и мене ми е најубав пределот над шумата, каде расте само трева. Планината едноставно повикува да се качиш горе со точак и да се пуштитш надоле со параглајдер.



Стигајќи до продавницата од лева страна останува црквата со гробиштата, реновирана и убава како и домот на култура руиниран и запуштен. Веројатно служи за складирање пивски шишиња. Не може човек да не си помисли на минатите времиња. Овде отсекогаш имало цркви, луѓето си верувале во бога и ја читале библијата – веројатно. Но во 50тите години од минатиот век се граделе и домови на култура. Чудни мисли ми поминаа низ глава, си викам овде Пикасо не може да прави изложба, ниту пак Микеланџело или Караваџо како што и Мишел Уелбек не може да ја промовира Платформа.



Луѓето веќе не одат во домот на култура, бидејќи нема ни кино сала, а времето на игранки е исто така поминато. Останува луѓето да пијат пиво пред кооперација те. новиот минимаркет па потоа во црква. И немам ништо против одењето во црква и пре-прочитувањето на библијата по којзнае кој пат. Дури мислам и тие што не читаат доволно е да посетуваат неделна миса, каде свештеникот чита одбрани делови од евангелијата.

Но што станува со останатата Литература и Уметност. Кој да го чита тоа?

Сакаме странци да дојдат во Охрид и тие доаѓаат. Но тие бараат чудни работ. Бараат белвица на жар, свежо уловена. Сакаат со точак да ја шетаат Галичица и не сакаат гласна музика. Во кратките период кога ќе ги видите на плажа читаат книги.



Можеме да ги однесеме до Св. Наум каде ќе ги видат историските наследства и сигурно ќе се воодушеват.

Но како ќе разговараме со странците? Ќе ги носиме во црква секоја недела?

На кои теми ќе разговараме, освен за географија која и онака не ја знаеме?



Мислам дека последнава деценија во која се изгради култ кон црквите во Охрид не смее да ги запоставува домовите на култура. Сепак тие претставуваат одраз на една исто така Наше минато. Не живееле други луѓе во Македонија во 50тите и 60тите години од минатиот век. Тоа се наши домови на култура, тоа се места каде имало игранки, први љубови, видео проекции филмови и можеби по некоја изложба.

Па не се состои целата уметност во фреските и иконите. Постојат млади луѓе во оваа држава кои сакаат и имаат што да искажат на други теми, а постои и публика која не мора да оди само во цркви и пред маркетчиња да пие пиво, туку да се посвети на вистински културни вредности.

“Литературата е духовно езерце каде сите одиме да се напиеме кога сме жедни” – Стивен Кинг.

Пишува: Мирко Тодоровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура