X
 15.01.2021 Живот

Австралија сака да убие гулаб што долетал од САД преку Тихиот Океан

Гулаб прелетал 13.000 километри над Тихиот Океан, од САД до Австралија. Властите во Австралија сметаат дека птицата е ризична и планираат да ја убијат.

Кевин Сели-Брд ја пронашол уморната птица во својот двор во Мелбурн, на 26 декември, и открил дека станува збор за птица што учествувала во трка во американската сојузна држава Орегон, што било потврдено од страна на Американската унија за тркачки гулаби. Птицата исчезнала во текот на трката, на 29 октомври.

Експертите се сомневаат дека гулабот се возел на товарен брод во Тихиот Океан.

Патувањето на гулабот, кој Сели-Брд го нарекол Џо, им го привлекло вниманието на медиумите во Австралија, но и на властите. Сели-Брд изјавил дека властите надлежни за воведување карантин побарале од него да го фати гулабот бидејќи биле загрижени дека тој може да носи птичја болест. Властите размислуваат за најмување професионалец кој ќе ја фати птицата бидејќи Сели-Брд изјавил дека не може да го стори тоа.


Фото: Pixabay

Од одделот за агрикултура изјавиле дека гулабот „нема дозвола да остане во Австралија“ бидејќи може да ја загрози безбедноста на храната и птичјото население во земјата.

Во 2015 година владата на Австралија се заканила дека ќе евтанизира две кучиња што биле донесени во земјата на нелегален начин од страна на холивудските ѕвезди Џони Деп и Амбер Хард. Кучињата биле изнесени од земјата за помалку од 50 часа.

Бред Турнер, секретар на националното здружение на гулаби во Австралија, изјавил дека постои реален страв дека гулабите од САД може да носат болести и се согласил Џо да биде убиен.

Најдолгото патување на гулаб досега било на гулаб кој патувал од Франција до Виетнам во 1931 година, поминувајќи 11.600 километри за 24 дена.

Извор: euronews.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот