X
 15.02.2019 Наука

Пеперутките и пчелите умираат со алармантна брзина. Што се случува?

Речиси половина од сите видови инсекти клучни за екосистемите низ целиот свет умираат со алармантна брзина, покажуваат резултатите од истражување што предупредува на „катастрофален колапс“ на природната средина на планетата на која живееме.

Екосистемите не можат да функционираат без милион инсекти што ја формираат основата на синџирот на исхрана, а резултатите на најновото истражување објавено во списанието „Биолошка конзервација“ упатуваат на тоа дека врз нивното исчезнување најмногу влијаат активностите на човекот и климатските промени.

- Заклучокот е јасен: ако не го промениме производството на храна, некои инсекти за неколку децении едноставно ќе изумрат - велат авторите на ова истражување, кое со прст покажува особено на земјоделството бидејќи ги уништува корисните флора и фауна.

insekti

Денес, третина од видовите се пред изумирање, а секоја година листата се зголемува за дополнителен процент, велат Франциско Санчез-Бајо и Крис Викајз од Универзитетот во Сиднеј и Квинсленд, посочувајќи дека бројката е еквивалентна на најголемата епизода на изумирање од исчезнувањето на диносаурусите.

Тие додаваат дека повеќе од 40 отсто од 30 милиони видови инсекти, колку што живеат на Земјата, се во опасност од исчезнување.

- Бројот на инсекти што исчезнуваат, а станува збор за 41 отсто, е двојно зголемен, а стапката на изумирање на локалните видови е осум пати поголема - вели Санчез Бајо.

Кога станува збор за исчезнување на биолошката разновидност, нашето внимание обично го привлекува судбината на големите животни. Се заборава дека инсектите се од клучно значење за екосистемите.

- Треба да дејствуваме брзо и да се обидеме да го спречиме колапсот затоа што последиците ќе бидат катастрофални - велат научниците.

Инсектите се од витално значење кога станува збор за процесот на опрашување, а намалувањето на нивниот број влијае врз целиот синџир на исхрана. На пример, во Франција беше намален бројот на птици во 2018 година.

- Нема толку птици (кои се хранат со инсекти), тоа ни е најголем проблем - објаснува Винсент Бретагнол, еден од авторите на француското истражување, и додава дека птиците што се хранат со семе во одреден период од годината имаат потреба да ги нахранат своите младенчиња со инсекти.

Според резултатите од истражувањето објавено кон крајот на 2017 година, врз основа на податоците на германските научници, Европа за помалку од 30 години изгубила речиси 80 отсто од „своите“ инсекти, а последица на тоа е исчезнувањето на над 400 милиони птици. На глобално ниво, намален е бројот на инсекти поради влијанието на глобалното затоплување.

Научниците како проблем ги посочуваат брзата урбанизација, прекумерното уништување на шумите поради пренамена на земјиштето за земјоделство и употребата на пестициди и вештачки ѓубрива, особено во последниве шеесет години.

Намалувањето на бројот на инсекти датира од почетокот на 20 век, но се зголеми одеднаш во текот на 50-тите и 60-тите години, а достигна алармантни размери во последните 20 години.

Меѓу најзагрозените видови инсекти се епидоптера (пеперутките), хименопера (пчели, оси, мравки, стршни) и тврдокрилести инсекти (бубамари, светулки).

- Треба итно да се обноват живеалиштата на инсектите, да се преиспитаат моменталните земјоделски практики, со посебна грижа за намалената употреба на пестициди и нивна замена со одржливи супстанции - велат авторите на истражувањето, потсетувајќи дека треба да се води грижа за „заздравување“ на загадените води во градовите и руралните средини.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука