X
 15.05.2018 Живот

Би вработиле ли милениумци и дали тие се вредни за вашите нерви?

Мислењата за милениумците се многу поделени, иако мнозинството луѓе имаат негативен став. Ги нарекуваат генерација на идиоти и златни риби бидејќи го задржуваат вниманието на одредена работа на само неколку минути.

Дојде и тоа време таквите генерации да се вработат и да запливаат во бурното море наречено живот. Што милениумците сакаат од работата? Да имаат цел, да придонесат на некој начин за заедницата и, секако, просторот да биде атрактивен и модерен, а кујната секогаш полна со храна и кафе.

Постојат неколку причини што доведоа до тоа родените од 94 година наваму да бидат чудни, мрзливи, депресивни итн. Секако, секоја чест на исклучоците.

Во деведесеттите години од минатиот век беа популарни книги за родителство, но и оние што се занимаваа со психологијата на воспитување деца. Затоа однесувањето на милениумците е условено од неуспешните родителски стратегии и влијанието на новите технологии. Нетрпението и таквото опкружување создадоа млади луѓе што не можат да се снајдат во реалниот свет.

Родителите на тие деца им велеле дека се посебни, единствени, дека можат да добијат што и да посакаат, кога и да посакаат. Добивале награди за грешките и слабите достигнувања, што уште на старт деградира нечиј талент, вложено време и труд. А со самото тоа, и тоа дете чувствува дека не ја заслужило таа награда и сето тоа доведува до контраефекти и чувства на незадоволство и ниска самодоверба. Што се случува потоа? Тие луѓе излегуваат во реалниот свет. Одеднаш сфаќаат дека нештата не функционираат онака како што ги учеле. Одеднаш пред нив има мал милион предизвици.

Сфаќаат дека не е толку едноставно да се најде работа и дека е уште потешко таа работа да се работи како што треба. Потоа сфаќаат дека не можат да добијат сè што ќе посакаат кога и да посакаат и дека луѓето постојат и живеат надвор од нивниот свет.

Уште еден факт кој не им оди во прилог на милениумците е недостигот од социјални вештини. Со оглед на тоа колку време поминуваат на таблет, телефон, компјутер, тие немаат претеран допир со реалниот свет, со постарите луѓе, па дури ни со нивните врсници. Пријателствата се површни, како и врските и односите, па кога ќе пораснат, тие не се во состојба да создадат длабок однос со некого.

Затоа во работната средина доаѓа до инциденти и несогласувања бидејќи тие не познаваат авторитет. Не знаат како да се однесуваат со постари лица, а пред сè, не ги почитуваат другите и туѓото време. Мнозинството се себични, разгалени и очекуваат сè да им се сервира на тацна, а тие на даваат ништо за возврат. Со оглед на тоа дека растеле во масовно потрошувачко општество, во нив е вградена свеста на материјалисти и поважен им е квантитетот од квалитетот. Често доцнат на работа, на состаноците, не ги извршуваат работните задачи и се неодговорни.

Како да се реши овој проблем? Некои случаи се толку изгубени што навистина не вреди да се троши ни време, ни средства, ни нерви на нив. На оние за кои постои зрно надеж, треба да им се пристапи полека и внимателно. Едноставно научете ги и насочете ги чекор по чекор во работата, во обврските во некои шаблонски социјални ситуации. Ако најдете такво лице што има волја и желба да учи и да се усовршува, но едноставно немало можност да го види тоа, тогаш сте добитници. Што се однесува до другите, вие не сте должни да исправате криви дрини и да превоспитувате некого во дваесеттите години. Тоа изгледа уште е работа на нивните родители.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот