X
 15.05.2018 Култура

Шахистите во просек живеат 14 години подолго од „обичните“ луѓе

Судејќи по некои примери од минатото, шахот е доста стресен спорт. Во текот на шаховската олимпијада што се одржа во Норвешка во 2014 година еден шахист почина за време на финалниот натпревар. Само неколку часа подоцна уште еден шахист беше пронајден мртов во својата хотелска соба. На еден шаховски турнир во Финска во 2000 година починале двајца шахисти.

Дали играњето шах е толку опасно, па дури и смртоносно?

Се чини дека не е така, пишува „The Conversation“.


Возрасен човек на голема шаховска табла
(Фото: Pixsell)


Поаѓајќи од овие примери, стручните лица спровеле истражување во кое се обиделе да утврдат како играњето шах влијае врз долговечноста на играчите. Резултатите што ги добиле се изненадувачки. Шахистите во просек живеат 14 години подолго од „обичните“ луѓе. Особено велемајсторите.

Еден од авторите на студијата е Дејвид Смердон, научник, академик и шаховски велемајстор. Велемајсторите, исто како и олимпијците, се спортисти со највисоки постигнувања во својата професија. Истражувањето ги споредувало податоците од 1.700 велемајстори и 15.000 освојувачи на олимписки медали со животниот век на луѓето од каде што потекнувале спортистите.

И така откриле дека велемајсторите просечно живеат 14 години подолго во споредба со останатата популација, особено во Русија. Врвните шахисти имаат сличен примерок на долговечност како олимпијците. Податоците од студијата покажуваат дека стапката на преживување во однос на општата популација се зголемувала со текот на времето за двете групации со слични стапки.

Фактот дека шахистите покажуваат слична долговечност како и олимпијците ги изненади научниците. Шахистите обично седат додека играат, па лесно било да се претпостави дека тие водат седечки и неактивен живот, но една полска студија покажа дека шахистите имаат подобра физичка кондиција од поголемиот дел од популацијата. Постојат и докази дека умствените игри го намалуваат ризикот од деменција, што е една од главните причини за смрт.

Познато е и дека повисоката интелигенција благотворно влијае врз долговечноста, иако поврзаноста меѓу интелигенцијата и шахот не е целосно утврдена. Различни студии не успеале да пронајдат врска меѓу супериорноста на играчите и различните димензии на интелигенцијата, вклучително и селективното внимание, инхибицијата и извршната когнитивна функција, логичките и математичките вештини, визуелната меморија и сложеното планирање.

Титулата велемајстор може да го зголеми очекуваното траење на животот преку психолошките, социјалните или економските поттикнувања. Така податоците покажаа дека велемајсторите во Источна Европа имале повисоки шанси за преживување од оние во Северна Америка или Западна Европа. Можеби клучна улога во тоа има висината на приходите на велемајсторите, која варира од земја до земја.

Исак Асимов еднаш напишал дека во животот, „за разлика од шахот, играта продолжува и по шах-матот“. Играта на животот не само што продолжува, туку може да биде многу долга и интересна, па затоа ако ви е досадно, почнете да се занимавате со шах. Тоа сигурно нема да ви наштети.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура