X
 15.05.2020 Живот

Зголемена продажбата на велосипеди во светот

Рестрикциите поради коронавирусот доведоа до бум во продажбата на велосипеди откако владите низ светот ги охрабуваат луѓето да користат велосипеди како превозно средство.

Најголемиот британски трговец на велосипеди наведува дека продажбата на дел од велосипедската опрема пораснала за 500 отсто од почетокот на карантинот.

Многу мали продавници ги продале сите резерви во последните неколку недели и чекаат нова испорака.


Компанијата „Бродриб сајклс“ во Бичестер, Англија, која обично продава 20-30 велосипеди неделно, сега продава 50 велосипеди на ден. Компанијата „Бромптон“ наведува дека нејзината продажба била на исто ниво како за Божиќ и пред министрите да почнат да го промовираат велосипедизмот како „излез од карантин“.

Компанијата „Иванс Сајклс“ наведува дека владее невидена побарувачка за велосипеди и сега чекаат нова испорака. Некои Британци дури и побарале да се овозможи сервис за стари велосипеди.

velosipedi
Фото: Pixabay

Во меѓувреме, со шемите „вози велосипед до работа“ што им даваат даночни бенефиции на вработените за да купат нов велосипед, продавниците објавија двојно зголемување на продажбата - бројка што се очекува да порасне уште повеќе бидејќи работниците сега можат да добијат нов велосипед без однапред плаќање.

- Дојде до огромно зголемување на возачите на велосипед за време на рестрикциите и изолацијата, но дури и така милиони луѓе во нашите градови што имаат велосипеди никогаш или ретко ги користат. За доброто на нашето здравје, околината и здравствениот систем, сега е време патниците да ги променат своите навики и да почнат да ги користат велосипедите - вели Грахам Стејплтон, извршен директор на „Халфордс“.

Градовите низ светот брзаат да ја подобрат велосипедската инфраструктура. Во Германија проширените патеки се означени со ленти и знаци. Париз создаде 650-километарска патека, вклучувајќи и појава на голем број „корона-велосипедски патеки“.

Во Австралија велосипедите станаа новата тоалетна хартија, а продавачите од малите продавници се борат да се справат со огромната побарувачка.

Извор: The Guardian
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот