X
 15.07.2023 Живот

Како да го пренамените резимето за различни земји?

Форматот на професионалната биографија, односно резимето, може да ви го донесе работното место. Практиките за пишување професионална биографија се разликуваат од регион до регион, иако основата е иста секаде во светот.

САД

Генерално, Американците сакаат резимето да биде кратко, едноставно и јасно. Нема потреба за вклучување лични информации, како хоби или интереси, ниту фотографија. Кога станува збор за должината, доволно е резимето да има две страници, освен кога се аплицира за академско работно место.

Во поглед на структурата, резимето треба да почнува со основни лични информации, по што најчесто следува краток опис за минатото искуство и вештините. Во продолжение се наведуваат работното искуство и образованието, а на крајот се наоѓаат референциите, иако овој дел не е задолжителен.

Обединето Кралство

Резимето кое најчесто се очекува во Обединетото Кралство не е многу различно од она во САД. Најголемата разлика е во слободата за споделување лични информации, како хоби и интереси, кои се добредојдени во Обединетото Кралство.


Фото: Pixabay

Се практикува должина од две страници и структура слична на резимето што се бара во САД. На врвот се наведуваат личните информации и описот, а потоа следуваат образованието и работното искуство.

Европа

За разлика од Обединетото Кралство и САД, работодавците во Европа дозволуваат поголема креативност кога станува збор за пишувањето на професионалната биографија. Тоа може да вклучува бои и фотографија, освен основните информации. Има одредени исклучоци во некои земји, како во Италија, каде што машките кандидати треба да наведат дали служеле во армијата.

Во поглед на должината, резимето најчесто има една или две страници, но и повеќе во некои европски земји, како Франција, Португалија, Грција, Ирска и Холандија. Структурата на резимето најчесто предвидува оставање лични информации на врвот, по што следуваат информации за образованието, работното искуство, вештините, хоби и интереси.

Извор: Expatica
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот