X
 15.11.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Што значат кратенките PM10 и PM2,5 и што дишеме секој ден?

Интересен е процесот на мерењето и анализата на овие честички

Неделава Македонија повторно изби меѓу првите на светските листи со најзагадени земји во светот. Повторно зборуваме за дневното ниво на загаденост во градовите во земјава, концентрацијата на честичките PM10 и PM2,5 во воздухот. Дали знаете што значат овие кратенки и што дишеме секојдневно?

Сите ситнозрнести честички што во одредени услови може да лебдат во воздушната средина и постепено да се таложат под дејството на гравитацијата, според дефиницијата на IUPAC (1990), со заедничко име се нарекуваат суспендирани честички или аеросоли, објаснува проф. д-р Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и раководител на Лабораторијата за животна и работна средина „Амбикон“, која работи во рамките на УГД. Според него, во воздухот вообичаено се јавува сложена смеса на органски и/или неоргански честички, во цврста или течна состојба, од природно или антропогено потекло.


Појавите на зголемени концентрации на овие честички кои се видливи со око се познати како прашина, чад, магла, саѓи, смог... Токму според својствата и ефектите што овие честички ги имаат врз изложените организми, тие се делат на две основни (групи):

- фракција PM10 или честички со аеродинамички дијаметар помал од 10 микрометри, кои влегуваат во горниот дел од респираторниот систем, а најчесто се составени од механички иситнети цврсти честички, полен и спори;

- фракција PM2,5 или „фина“ фракција на честички со аеродинамички дијаметар под 2,5 микрометри (µm), а кои може да навлезат дури до бронхиолите и алвеолите во белите дробови, поради што и се сметаат за поопасни за човековото здравје. Најчесто оваа фракција содржи честички добиени од разните процеси на согорување.



Интересен е процесот на мерењето и анализата на овие честички. Мираковски вели дека се разликуваат два основни пристапа при мерењето на амбиентни концентрации на суспендираните честички. Кај стандардниот или гравиметриски метод се користат специјални уреди за земање примерок од воздухот, во кои амбиентниот воздух поминува низ посебно дизајниран влезен отвор со можност за селекција на големината на честичките (2,5 или 10 µm) при константен проток, a честичките се собираат на филтер за познат период од 24 часа. Притоа прецизно се мерат амбиентните параметри (температура, влажност и притисок) и протокот низ системот. Масата на собраните честички се одредува со мерење на филтерот во контролирани лабораториски услови, пред и по изложување на филтерот. Врз основа на добиените резултати се врши пресметка на просечната концентрација на суспендираните честички за период од 24 часа, која се изразува во микрограми на кубен метар (µg/m3).


Лабораторијата за животна и работна средина „Амбикон“

Истражувањата потврдуваат дека епизоди на високо загадување со цврсти честички се јавуваат во речиси сите урбани средини (со мали исклучоци) и тоа речиси исклучиво во текот на грејната сезона, во периоди на стабилни атмосферски услови (без ветар и врнежи). Според Мираковски, иако ниту еден од градовите покриени со нивната мониторинг-мрежа не ја надминува дозволената просечна годишна концентрација од 40 µg/m3 и загадувањето надвор од зимските месеци е релативно ниско, при подолги периоди на стабилна атмосфера и појава на температурна инверзија речиси во сите места се јавуваат високи концентрации на суспендирани честички. Често достигнуваат и драматични нивоа, опасни за сите категории граѓани, а особено за луѓето со белодробни и срцеви заболувања, децата и постарите лица.

Фото: Лабораторијата за животна и работна средина „Амбикон“ при УГД - Штип

Целото интервју со проф. Мираковски прочитајте го тука.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема