X
 23.01.2016 Технологија

Фејсбук сака да го промени начинот на кој следиме спорт

Фејсбук ја лансира својата нова услуга - „Facebook sports stadium“ кадешто на едно место ќе можете да следите се` што е поврзано со спортските случувања - од коментари, фотографии, видеа до резултати.

 

фб


Очигледно Фејсбук посака влијание какво што има Твитер во спортскиот свет бидејќи токму Твитер стана местото кадешто чуѓето во вистинско време ги покажуваат своите мислења за спортските случувања. На едно место се и мислењата на експертите и најнеуспешните акции во видео или гифови во форма на смешни ситуации кои обичните луѓе ги постираат. Но, мораме да признаеме дека искуството е хаотично, особено за време на големите настани како NBA финале и слични спортски настани. Затоа Фејсбук сака да воведе ред.

Корисниците на новата апликација „Sports Stadium“ ќе имаат можност да избираат помеѓу четири прозорчиња. Еден ќе прикажува детали поврзани со поединечни акции, друго прозорче ќе ги прикажува коментарите на вашите пријатели. Третото прозорче ќе ги прикажува експертите односно спортските коментатори, поранешните играчи и експертите би можеле да предизвикаат интерес меѓу публиката ако коментарите им се релевантни. Последното прозорче информира за статистиката, еден неизоставен елемент од секој спорт и секоја спортска апликација.

Лансирањето на овие апликации сепак е ограничено - моментално достапни се само за ајфон и за Америка, меѓутоа екипата на Фејсбук наскоро најавува проширување.

Колку апликациите влијаат врз начинот на кој следиме спорт?


Мобилните платформи го менуваат начинот на кој гледаме спортски преноси. Тоа е факт.

Во минатото нашите родители викаа и скокаа пред екран, пиеја апчиња за да не ги удри срцев удар, а ние во „прединфарктна состојба“ посегнуваме по паметните телефони и таблетите за да твитнеме или напишеме вулгарен статус за нашиот омилен спортски тим. Гугл минатата година излезе со истражување кое покажува дека 77% од луѓето гледаат телевизија со лап топ, телефон или таблет во близина.

Верните љубители на спорт во последните неколку години ги следат случувањата на неколку екрани, па така во светот на спортската забава поимот „секундарен екран“ стана особено важен. Само уште случувањата како Оскарите можат да им конкурираат на спортските настани кога станува збор за употреба на други екрани и дигитална комуникација со останатиот дел од светот.

Ако ваквите апликации и сервиси нудат искуство на подлабоко доживување на акцијата која ја гледаме на телевизија, тогаш ја сфаќаме нивната цел. Но, постои вистинска опасност спортот наскоро да се следи на минијатурните екрани на паметните телефони без социјално искуство.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија