X
 04.04.2016 Образование

Интервју со Д-р Игор Јорданов, професор на ТМФ: "Во Белгија работев на добивање вештачка трева отпорна на запалување"


  
Во Белгија работев на добивање вештачка трева отпорна на запалување, во Љубљана на огноотпорни најлон влакна од рециклирани рибарски мрежи 

Д-р Игор Јорданов е професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје на насоката Дизајн и инженеринг на облека. Во негов “ресор“ се предметите текстилни влакна, технологија на боење и печатење, технологија на доработка на текстилот и нега и одржување на облеката, односно тој е раководител на катедрата за хемија на текстилот. Неговиот научно-истражувачки фокус во измината деценија е посветен на проекти за развивање еколошки доработки на текстилните материјали и добивање мултифункционални материјали со додадена вредност. Голем дел од истите се реализирани на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и веќе имаат практична примена во нашата текстилна индустрија, а останатиот дел се реализирани на еминентни универзитети во Европа. Со него разговараме за професионалната кариера и меѓународното истражувачко искуство, за важноста од учество на младите истражувачи во меѓународни проекти и за идниот развој на науката за материјали, како една од најинтересните во моментов.

Што е пресудно за вашата одлука да се занимавате со оваа научна дејност?

Високото образование го завршив на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, односно факултетот каде што работам. Средното образование го завршив во средното текстилно училиште во Штип, што сметам дека беше од многу големо значење. Стручните средни училишта, се многу важни за запознавање на младите луѓе со основите на некоја професија, без разлика дали ќе се вработат на струката или ќе го продолжат своето образование. Мојата љубов кон текстилот како материјал се јави од раната младост. Растејќи во Штип, градот на тексилот, можеби неминовно беше да се развие таа љубов, затоа што текстилната индустрија е главната стопанска гранка во Штип. Тогаш во најголем подем беа гигантите како Македонка, Астибо, Политекс итн. Во тоа време главно бев окупиран со изучување на основите на технологиите за добивање текстилни материјали и облеката. Денес, освен стандардните технологии за добивање текстилни материјали, се развива едно ново подрачје во текстилната наука. Тоа е подрачјето на техничкиот текстил. Тоа значи дека текстилот не е само облеката. Тоа се различни материјали кои се наоѓаат во автомобилите и во леталата, во оделата за космонаути, геотекстил, медицински текстил, тексил кој се користи во земјоделието итн.

Текстилот е главен материјал на кој се нанесуваат новите нано-честици кои ги подобруваат својствата на истиот, а оваа подрачје моментално е топ тема во светот. Текстилот според мене е најидеалниот носач на овие нано-честици. Тој има извонредни механички својства, а заради еластичноста и флексибилноста може да се користи за различна употреба.

Денес, соочувајќи се со бројни предизвици за зачувување на животната средина, за генерирање што помалку отпад и користење природни материјали со специфични својства се развиваат нови материјали кои се добиваат од отпадот на одредени процеси и се третираат со био-материјали. На тој начин се добива производ кој ќе го носи предзнакот ,,еко” а воедно ќе биде биоразградлив и нема да ја загадува околината.

Што конкретно е поле на ваш интерес во науката и што досега го сметате за најголем успех?

За еден научен работник многу е тешко да издвои што му е најголем успех. Секој период во научната работа носи свои предизвици и во моментот на реализирање на идејата, научникот мисли дека тоа е најважната работа што ја постигнал. Со реализација на идејата и со откривање на вистината се раѓа нова идеја која го продолжува кругот на истражувањето кој постојано се врти.



Сепак, би издвоил неколку проекти што сум ги работел. Развивање на еколошки био-подготовки на текстилните материјали, развивање системи за белење при умерени услови, боењето на текстилните материјали со природни бои. Тука е работата на пост-докторските студии во Универзитетот во Гент, Белгија каде што работев на добивање вештачка трева која ќе биде отпорна на запалување, својство кое требаше да се постигне со нови еколошки средства против горење.

Последниот престој во Љубљана минатата година беше еден нов и интересен предизвик. Таму работев на добивање на огноотпорни најлон влакна од рециклирани рибарски мрежи со употреба на еколошки огноотпорни хемикалии. Со овој проект се остварија неколку цели. Се чистат морињата и океаните од рибарските мрежи (главен виновник за умирање на делфините и китовите), се добиваат нови производи од рециклиран материјал, а на новите материјали им се додава додадена вредност со приемна на еко-средства против горење. Моментално со мојот тим работиме на добивање еколошки текстилен биоматеријал на база на памук и хитосан кој ќе има антимикробни својства.

Колку се важни за вашата професија, искуствата од надвор, од странските Универзитети?

Престојот на странски универзитет е нешто што топло би го препорачал на секој научен работник. Има неколку придобивки од искуството при престој надвор. Прво е личното тестирање со кое самите дознаваме кое ниво од научниот развој сме го постигнале. Понатаму, со работата на странски престижен универзитет се стекнуваме со знаење кое го развивале тие универзитетети, се стекнуваме со нови навики на работа и нови предизвици, ја осознаваме организационата поставеност на универзитетот, и на крај, го пренесуваме дома знаењето и искуството кое ќе им користи на студентите, на нашите колеги и на институцијата во која работиме.



Преку престојот на странски универзитет се создаваат цврсти релации со тамошните научници, а тоа е основа за понатамошна соработка и можност за аплицирање на нови меѓународни проекти. Живееме во глобален свет. Тоа е повеќе од очигледно. Бариерите на комуникација и делување постајно се рушат, а новите технологии овозможуваат интеракции во реално време на кое било ниво. Науката не е и не смее да биде ограничена во национални рамки и затоа излегувањето на универзитетските професори и на младите истражувачи е од клучна важност за развојот на науката во Република Македонија.

Технолошко-металуршкиот факултет е факултет со голема традиција. Во последните години расте бројот на запишани студенти и на вашиот факултет. Колку е просперитетна оваа дејност за студентите од аспект на вработување и од аспект на можности за научно- истражувачка работа?

Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје е факултет со 55-годишна традиција. Тој произведува инженерски кадар за цела преработувачка индустрија во Република Македонија. Почнувајки од прехранбената индустрија, преку индустријата за производство на пластични маси, металургијата, текстилната индустрија до инструјата за производство на неоргански материјали и рафинеирите за производство на нафта и нафтени дериввати.



Буквално во сите индустриски капацитети, главните виновници за процесите на производство се инженерите технолози и металурзи. Нашите колеги не заостануваат и во менаџирањето на компаниите. Наш кадар се директорите на најголемите компании во земјава, како „Пивара“, „Европа“, “Макстил“, “Фени индустрис“, “Окта“, „Витаминка“.

Од аспект на вработување може да кажам дека нашите инженери се дефицитарен кадар во државата. Буквално да нема слободен инженер, а тоа го согледуваат и компаниите па затоа кадарот го обезбедувааат уште од студентски денови со финансирање стипендии за студирање на студентите, кои во вкупна вредност достигнуваат и до 1.500 евра на годишно ниво. Од аспект на можности за научна работа, ТМФ е непресушен извор. Нашите колеги, без ралика дали работат дома или на странски универзитети и институти, имаат големи можности за работа заради широкот опсег на области кои ги покрива факултетот и интердисциплинарниот карактер на научната дејност.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование