X
 23.06.2016 Технологија

Како и зошто реагираме на промените на социјалните мрежи?

„Instagram“ го смени логото изминатиот месец, а како и со секоја промена на популарна социјална мрежа, интернетот беше поделен. Некои ја сакаа промената, а некои не. Компанијата во сопственост на „Facebook“ ја смени старата икона во нова минималистичка икона. Од компанијата објаснија дека поедноставниот дизајн го става фокусот на фотографиите и видеата без да се смени начинот на кој се користи апликацијата.


Но, оваа промена е само една од серијата кои претходеа и ќе следуваат. Зошто мрежите имаат потреба да го менуваат дизајнот? Како реагираат корисниците?

Зошто се менуваат социјалните мрежи?

Кога една социјална мрежа се менува, во основа зема елемент на контрола од корисниците и го менува производот во кој корисниците се вљубени. Честопати, овие промени се прават во интерес на корисникот. На пример, кога „Facebook“ првпат го објави времепловот, не беше прифатен најдобро од корисниците, но сега тој е подобро прифатен. Без алгоритмот на мрежата, би гледале илјадници содржини секој ден, со што би ги пропуштиле најважните објави од пријателите и семејството.

Зошто социјалните мрежи мора да се менуваат?

Едно истражување ги разгледувало факторите кои влијаат лошо на социјалните мрежи. Тие откриле дека како што растат, мрежите стануваат похаотични и започнуваме да пропуштаме значајни содржини. Кога „Instagram“ објави дека ќе започне да користи алгоритам, тие изјавија дека повеќето корисници нема да гледаат 70% од објавите на нивните пријатели. Но, тие 30% се најдобрите што може да ги видите, според компанијата.


Што значи ова за брендовите?

Најчесто, брендовите се најмногу погодени од промените на социјалните мрежи. Овие промени најчесто им помагаат на корисниците да гледаат повеќе од нивните блиски а помалку од промовираните и платени содржини. Но, бизнисот се менува, а со тоа и брендовите. Тие постојано ги менуваат стратегиите како што се воведуваат новости во социјалните мрежи. За брендовите, основна работа е да се анализира секоја промена и да се еволуира.

Зошто корисниците се враќаат и покрај промените?

Во 2014, тим од истражувачи објавил истражување за начинот на кој корисниците реагираат на промените на социјалните мрежи. 64% од испитаниците покажале некои знаци на стрес поради промените, додека само 20% од нив гледале на промената како нешто позитивно. Најчестата причина за стрес била загубата на познатост и загубата на контрола.

Истражувачите велат дека со социјалните мрежи луѓето се гледаат како повеќе од корисници. Тие се чувствуваат како дел од една заедница.

Конечно, нашите омилени апликации, социјални мрежи и производи ќе се менуваат. Промената е потребна за преживување и иновација. Понекогаш промените не ни се допаѓаат, но сите на крајот се адаптираат на нив.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија