X
 20.07.2016 Живот

Мистериозни броеви од Северна Кореја - нов облик на психолошка војна?

Националното радио на Северна Кореја неодамна објави неразбирлива низа на броеви.

 

броеви


Броевите биле читани две минути од водителката на радиото, на 24 јуни, и уште 14 минути минатиот петок, велат од Националната агенција за разузнавање на Јужна Кореја. Меѓу нив биле пронајдени и фрази како „број 35 на страна 459“ и „број 55 на страна 913“.

Би можело да станува збор за продолжување на старите методи на Студената војна, со кои режимот на Северна Кореја испраќал шифрирани пораки до нивните шпиони во Јужна Кореја. Oваа пракса престанала да се користи кон крајот на минатиот и почетокот на новиот век откако сфатиле дека интернетот е исто така корисна алатка за пренос на пораки, а во меѓувреме се намалиле и тензиите меѓу двете земји, па немало потреба за користење на методите.

Но, како што изминативе години односите меѓу Северна Кореја и нејзините јужни соседи повторно се влошија, постои можност повторно да се воведе испраќање на кодирани пораки на шпионите преку граница.

Инаку водителката која ги читала броевите ги нарекла „задачи од физиката на еден универзитет за членовите на геолошка експедиција низ државата“ и „практични задачи од математиката за членовите на експедициската група број 21“. Јужнокорејските разузнавачи и министерството за внатрешни работи засега не го откриваат значењето на овие броеви, а некои експерти веруваат дека станува збор за вид на психолошка војна.

Всушност, вака режимот на Ким Јонг-ун би ги измамил јужнокорејските тајни служби дека навистина испраќа информации до своите шпиони, додека во реалност не е така. Покрај тоа, експертите сметаат дека не е реално враќањето на познатата метода од Студената војна во време кога се сомнева дека Северна Кореја испраќа пораки за своите шпиони со многу пософистицирани методи, такашто ги крие во различни аудио и видео клипови (метода позната како стеганографија).
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот