X
 10.11.2016 Образование

Како треба да се финансираат македонските државни универзитети?



Државните универзитети да се финансираат не само според бројот на запишани студенти, туку и согласно резултатите што ги остваруваат. Ова е еден од предлозите за нов модел на реформи во финансирањето на високообразовните институции во земјава, за кој денес се дискутираше на работилница во Охрид, во организација на Министерството за образование и наука. Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски изјави дека целта е преку соодветни реформи да се воведат дополнителни критериуми за начините на финансирањето на високообразовните установи.

- Ако универзитетите досега се финансираа според бројот на студенти, нашата идеја е преку реформи финансирањето да се одредува и според остварени конкретни резултати, како рокот на дипломирање на студентите, времетраењето на нивното вработување после дипломирањето, зголемување на научно-истражувачката дејност на наставниот кадар - изјави Ристовски.

На работилницата присуствуваа и ректори на државните универзитети, како странски експерти за реформи во високото образование.

- Со надлежните државни институции и универзитетите треба да утврдиме модел за дополнително финансирање што ќе обезбеди најдобри перформанси, преку утврдување конкретни критериуми - рече експертот Џамил Салми. Тој истакна дека светските искуства говорат за различни модели на финансирање. На пример, наместо да се даваат средства според бројот на запишани студенти, пристапот при финансирањето да се определува според бројот дипломирани студенти или според објавените трудови на професорите во определени универзитети, релевантни во пошироката академска заедница. Некои пристапи се комбинација на двата елемента. Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Блажо Боев истакна дека моделот за основно и дополнително финансирање е комплементарен со размислувањата на високообразовната установа.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование