X
 04.11.2015 Образование

Во минатото, на една рака се броеле студенти со просек над 9.00



Какво било високото образование некогаш, какво е денеска? Какви биле промените низ годините и како влијае развојот на технологијата врз тие промени? Овие прашања им ги поставивме на универзитетски професори кои се согласни дека денеска суштински е променет начинот на работа на факултетите.

Порано до книга се стасувало со недели, денеска - за неколку минути

Професорот Ненад Новковски од Природно-математичкиот факултет вели дека промените што настанаа со развитокот на технологиите во втората половина двесеттиот век суштински ги променија начинот на работа и организацијата во сите дејности, во врска со што дошло и до големи промени во високото образование.

- Од една страна, новите технологии и новиот начин на призводство бараат поинакви видови на знаења и вештини. Потребата за поголем број кадри со високо образование доведе до унифицирано воспоставување на системот на три степени бечелор/мастер/доктор во високото образование во европските земји. Со тоа се обезбедува едновермено унифицирање на образовните системи на европскиот простор и поголем број високообразовани лица со првиот степен. Со новите информациски и комуникациски технологии се отвори можноста на професорите и студентите да им бидат достапни содржини во голем обем за кратко време – вели Новковски.

Ако некогаш, додава тој, биле потребни недели за да се добие некоја книга или статија преку библиотечните системи, денес тоа се остварува за време на пребарувањето во тек од неколку минути.

- Сега сме во можност да изнесеме и дискутираме содржини за најнови сознанија коишто биле објавени пред некој ден во врска со проблематиката што се изучува на предавањата. Некогаш макотрпното совладување на технички вештини за обработка на податоци денес се покажува излишно; она што се бара е разбирање на методологиите и врз основа на тоа правилна употреба на резултатите што се добиваат со софистицираните софтвери направени за таа намена, алатки преку коишто се совладуваат методите на истражување и се применуваат во праксата – додава Новковски.

Cелекцијата беше поригорозна

Неговиот колега од Институтот по хемија, професорот Виктор Стефов смета дека ако критериум за квалитетот на високото образование е квалитетот на кадарот кој се продуцира тогаш, според него, несомнено е дека порано образовниот систем бил далеку подобар отколку што е сега.

- Едноставно селекцијата беше ригорозна и многу пообјективна, а истовремено во секоја смисла условите за работа и студирање биле далеку подобри отколку што се сега кај нас (барем во институцијата во која сум вработен јас). Порано постоела ставка за исплаќање на амортизација на опремата и зградите во кои се води високото образование, што е денеска незамисливо. Затоа на пример не е можно од оваа дистанца (дури ни на онаа пред 10 години) да се споредуваат просекот на оценки на завршените студенти тогаш и сега. Тогаш можело од една генерација од стотина студенти на една рака да се изборјат оние кои ги завршиле своите студии со просек над 9, што не е случај сега – вели Стефов.

Според него, она што е денеска на многу поголемо ниво, поради технологијата, е пристапот до информации кои им овозможуваат и на студентите и на наставниците скоро неограничени можности.

Поголема мобилност

- Исто така, мобилноста на наставниот кадар и на студентите денеска е многу поголема отколку што тоа било порано што влијае позитивно на квалитетот на високото образование – додава професорот.

За слабиот кавалитет на денешното високото образование, Стефов не го обвинува болоњскиот начин на студирање, колку што е тоа поради начинот на финансирање на високото образование.

- Се` додека високото образование се финансира по студент, а не по програми, ние ќе имаме слаб квалитет на истото. За да практично „преживеат“ факултетите се борат за секој студент т.е. за неговата партиципација, а при ова поради разни причини поврзани со претходното најмногу трпи квалитетот на високото образование. Затоа се` додека ние имаме ваков начин на финансирање на високото образование дотогаш воглавном ќе имаме и слаб кавлитет на истото – додава Стефов.

Автор:
Антонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование